Парламентот ја одби иницијативата за ставање на предлог-законот за амнестија на осудените за „27 април“ на дневен ред во Собранието, со што осудените остануваат на издржување на затворската казна. Предлогот беше поднесен од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, а по иницијатива на адвокатите Јанаки Митревски и Драган Пешевски.
Неколкумина од осудените се јавија со реакција. Игор Југ, кој беше осуден на 11 години затвор, им се заблагодари на адвокатите за иницијативата и на пратениците кои гласале за.
„Оние кои гласаа против имаат свои причини кои не сакам да ги анализирам. Животот е круг, еднаш и за некој кој на нив им е мил, а можеби и за нив лично ќе треба да се гласа… Им благодарам на оние кои искрено нѐ поддржуваат и ја посакуваат нашата слобода, бидете благословени луѓе! Посебно ќе се осврнам на оние кои лицемерно ќе лајкуваат на овој пост, а во длабочината на својата расипана душа посакуваат никогаш да не излеземе од затвор и на кои сето ова што се случува во Македонија изминативе 6 години им оди на рака и им одговара на нивните лични интереси и на интересите на центрите на моќ на кои им ја имаат продадено душата за грст сребреници.
Прочитани сте како буквар, тоа што не ве терам директно у … е затоа што сакам да видам до каде ќе терате за да станете некој и нешто и финансиски да се осигурате. Засега гледам дека имате огромен капацитет на тоа поле! Само знајте едно: Сите стари удбаши душа испуштале врескајќи како јариња и барајќи свештеник да ги исповедаат тоните грев кои ги имале на душата, сите лицемери по професија поминувале исто. И вие така ќе завршите, а сѐ она што сте го заработиле со лицемерје и кодошлук, ќе ви го трошат други. Животот бргу поминува, а личен избор е дали ќе го проживееш како човек или како лебарка!“, напиша Југ.
Јане Ченто, кој беше осуден на 13 години затвор, се огласи со мисла на Кочо Рацин:
„Кажете ѝ на мајка ми нека не жали, оти ние сепак ќе победиме!“
Во овој предмет, покрај правосилно осудените, беа опфатени уште 15 лица. Меѓутоа, тие добија амнестија со законот кој беше донесен во Собранието во декември 2018 година.