Казабланка на Вардарот

by Фокус

Во бугарската ДАР (Државна агенција за разузнавање), кодното име за Договорот меѓу Бугарија и Македонија е „Пазителите“. Договорот се засновувал на принципот „Ти мене пари, јас тебе трговија“, во кој потписникот од првата страна бил мозокот, а од втората „красивия образ“. Разбира се, со голема поддршка од САД и ЕУ.

Пишува: Д-р Гроздан ЦВЕТКОВСКИ

Во неделата, на 8 септември, се одбележа 33-годишнината од добивањето независност. Официјално, од страв или измеќарство, со половина уста или ич не се изговараше чија!

Очекувано и така нормално. Со сила може да се земе, но не и да се даде! За тогашниот државен врв, прогласувањето самостојност беше изнудено.

Двосмисленото референдумско прашање останува непобитен доказ за овој факт. Затоа, до денес остана недовршен процесот на создавање саглам држава со сите тертипи.

Домашните недугави и корумпирани политиканти направија отворена балканска кафеана со ол инклузив агентурна мрежа. Во неа, на раат шпартаат и дејствуваат странски разузнавачи, шпиони, агенти за влијание, мисионери од невладини организации, но и локални инсајдери, „кртови“, кодоши, родоотстапници и петоколонаши. Казабланка на Вардарот!

Да се чуди човек кој за кого и за чии интереси работи! Но, скорот од досегашните баханалии во зачадената крчма е познат: промена на личниот опис на државата, со реална извесност курбан да отидат и идентитетот, колективната меморија, историјата и јазикот.

БАРНС ГО ОДМИНА СКОПЈЕ

Минатиот месец, директорот на ЦИА, Вилијам Барнс ги посети Приштина, Сараево и Белград, но го одмина Скопје. Веројатно оценил дека не е приоритет на западнобалканскиот субрегион, туку невралгични точки се Косово, Босна и Србија.

Плус, не се членки на НАТО, а на овие простори директно се вкрстуваат геостратешките интереси на САД со Русија и Кина. Токму затоа, првиот човек од Ленгли сигурно ги предупредил колкава е опасноста од Русија и Кина за дестабилизација и оддалечување од Западот.

Згора на тоа, Србија постојано предупредува на перманентен ризик од можна ескалација за тензии на Косово, а Република Српска е најголем гласноговорник на руските интереси и заговорник за мирно раздружување од БиХ федерацијата. Казабланка во четириесеттите години од минатиот век.

Гнездо на агенти и оперативци од целиот свет. Скопје, во третата декада од овој век. Казабланка на Вардарот. Римејк со активни разузнавачи од многу служби, кои преку оперативни сознанија и кредибилни информации ги контролираат и насочуваат процесите во субрегионот Западен Балкан и ги таргетираат во нивната сфера на интерес.

Пред десет години, во централниот дневник на една национална телевизија беше објавена видеоснимка на која лидерот на тогаш опозицискиот СДСМ, Зоран Заев, му признава на премиерот Никола Груевски, дека располагал со материјали добиени од странски разузнавачки служби, со кои остварил повеќе средби и дека бил сигурен во тоа што го добил.

Набргу почна аферата „Прислушување“ со објавување „бомби“ за огромен институционален криминал и корупција. Под мотото „Вистината за Македонија“, со помош и поддршка од странски фактори, „Шарената апашаана“ изврши „мек“ државен удар, во кој се присламчи аболираниот измамник со тапија.

Еднодеценискиот режим на „заробена држава“, се замени со „хибриден“, а дотогашниот мафијашки клан се замени со друг, кој владееше седум години.

„ПАЗИТЕЛИТЕ“

За разузнавачките служби, никогаш не било проблем селектирањето позиции што можат да влијаат врз личности и центри на моќ што носат одлуки.

Пенетрацијата на соработници во институциите претставува рутинска работа, бидејќи прекрасно знаат дека вистинските мотиви на регрутираните извори не се идејните основи од американската душа и европското срце, туку парите, моќта и егото.

Пред неколку години, Викиликс објави пресретната комуникација меѓу оперативец на ЦИА и тогашниот американски амбасадор во Македонија, кој од Стејт департментот бара заштита за неговиот „крт“ министер во владата, кој бил главен преговарач за прекрстување на името на државата.

Во бугарската ДАР (Државна агенција за разузнавање), кодното име за Договорот меѓу Бугарија и Македонија е „Пазителите“. Договорот се засновувал на принципот „Ти мене пари, јас тебе трговија“, во кој потписникот од првата страна бил мозокот, а од втората „красивия образ“. Разбира се, со голема поддршка од САД и ЕУ.

Се потврди беспрекорното функционирање на формулата. Под превезот на „стратешки пријатели и партнери“, западните елити и Големиот брат власта ја делегираат на домашните племенски вождови, со чија алчност и измеќарство изнудуваат сѐ што ќе посакаат, а  марионетите за возврат добиваат концесија со дискретно толерирање и поддржување на нивната корумпираност и неказнивост.

Затоа, излишни се разузнавачки верзии зошто директорот на ЦИА, Вилијам Барнс ја заобиколи Казабланка на Вардарот. Тоа е реторичко прашање што не бара одговор, туку потврдување на стварноста: не ја посети „Нашата земја“ независна, затоа што од неа ништо не зависи!

Поврзани новости