Во кавга и довикувања продолжи седницата за разрешување на јавниот обвинител Марко Зврлевски. Претседателот на собранието, Талат Џафери, ги обвини пратениците од ВМРО-ДПМНЕ дека ја узурпирале собраниската говорница и дека нивната цел е провидна. Претходно седницата беше прекината со пауза откако пратениците од оваа партија излегоа на говорницата за да го спречат обезбедувањето да го отстрани пратеникот, Антонио Милошоски.
-Јас целосно ги спроведувам процедурите, но граѓаните ќе проценат. Ваквото однесување покажува какви намери имаат пратениците. Антонио Милошоски како искусен пратеник многу добро знае дека доколку не добие збор, не може да излезе на говорница – рече Џафери.
Ги обвини пратениците на опозицијата дека сакаат да испровицираат инцидент. За да ја смири тензијата збор му даде на Милишоски.
-Џафери е тој што ја узурпира говорницата. Не може тој да оценува кој координатор кога ќе побара процедурално. Ние го имамe тоа право согласно членот 88 од Деловникот. Џафери го нарушува угледот на Собранието – возрати Милошоски.
На негово барање седницата повторно беше прекината за пауза од еден час.