Кавадарци е општина со највисок опфат на вакцинирани против Ковид-19, односно дури 61 процент од граѓаните се имунизирани. Околу тоа каква е состојбата со вирусот во градот каде според вчерашниот извештај на МЗ има 220 активни случаи, односно во ковид одделението кое работи во склоп на кавадаречката болница, ,,Фокус” разговараше со директорот на болницата, д-р Диме Коцев.
Тој појаснува дека заклучно вчерашниот ден, бројот на хоспитализирани лица изнесува 26, а шест од нив биле вакцинирани. Од хоспитализираните, 21 пациент бил на кислородна поддршка, а моментално имало девет слободни кревети. Вчера, во Инфективната амбуланта биле извршени 71 прегледи, а дневно со брзи ковид тестови се тестирале од 50 до 70 пациенти.
-Денес на Комисија за интрахоспитални инфекции донесовме одлука да се отвори и 4-от кат од болницата за прием на ковид пациенти, доколку бројот во Модуларната болница дојде до 30 болни. Кадарот е спремен и известен, просториите се исто така спремни, па ќе видиме како ќе се одвива ситуацијата, така веднаш ќе реагираме.
Во модуларната имаме пациенти од Кавадарци, Неготино, Демир Капија, Росоман, Градско и посебно од Валандово, кои нема каде да се лекуваат, па доаѓаат кај нас.
Ние сме отворени за сите болни кои имаат потреба од болничко лекување и така и ќе продолжиме. Нема да дозволиме ниту еден пациент да остане незгрижен. Исто така, пративме три медицински сестри и тројца болничари на помош во Клиника за кожни болести – Скопје, која што сега е ковид болница- информира д-р Коцев.
Лани во ноември, а и годинава во март, Кавадарци се најде на силен удар на вирусот и од почетокот на пандемијата се инфицираа 5.496 лица. Починаа 156 граѓани. Токму поради тоа, водени од искуството за сериозноста на вирусот, кавадарчани покажаа висока свест кога е вакцинацијата во прашање и моментално општината е лидер според големиот опфат на вакцинирано население. Во четвртиот ковид бран, регистриран е еден починат пациент.
Според Министерството за здравство, најголема смртност во јули и август имало во градовите со најнизок процент на вакцинирано население.