Општина Кавадарци се подготвува за најголемата манифестација во градот, традиционалниот Тиквешки гроздобер, кој ќе се одржи од седми до деветти септември, и веќе се соопштени имињата на музичките гости кои ќе ги забавуваат посетителите.
Покрај културните настани и карневалското дефиле, во склоп на манифестацијата секогаш најголемо внимание привлекува забавниот дел од програмата, а годинава се најавени познати домашни и балкански имиња.
Како главна музичка ѕвезда ќе настапи Ацо Пејовиќ, свои концерти ќе одржат и Милица Павловиќ, Некст Тајм, Пајак, Реља и многу други.
Како што беше истакнато на седницата на Советот на општината, листата не е конечна и може да претрпи измени.
Ќе бидат застапени и локалните музичари, а предвидена е и богата програма за најмалите.
Минатата година на гроздоберот исто така имаше звучни имиња од светот на естрадата, а Лепа Брена беше главната музичка ѕвезда коај направи спектакл.
Градот беше преполн со посетители од сите краеви, а сцената со изведбата на хитот „Југословенка“ и со југословенското знаме кое се вееше во публиката која пееше во еден глас, долго потоа се објавуваше на социјалните мрежи.
Дали Ацо Пејовиќ ќе го преполни градот со гости како што беше случајот со Лепа Брена, и дали ќе се повтори минатогодишниот спектакл со десетици илјади гости, за поголемиот дел на кавадарчани е многу извесно, бидејќи музичарот е доста популарен последниве години, по прикажувањето на филмот „Тома“ каде ги пее хитовите на Тома Здравковиќ.
Исто така, тој веќе одржа неколку големи концерти во земјава кои беа распродадени за многу кратко време. Како што информираа од општината, манифестацијата ќе биде поддржана со седум милиони денари од општинскиот буџет, а ќе биде помогната и од спонзори.
ФОТО: Plusonline.rs
Вики Клинчарова