Во Кавадарци ќе се гради спомен куќа во чест на 12-те ваташки деца кои беа крвнички убиени на 16-ти јуни 1943 година во близина на Моклиште. Кавадарци не го заборава колежот кој го извршила бугарската воjска и полициски одреди на чело со капетан Борис Жеглов, поручник Борис Костов и подофицер Петко Опреков под команда на полковник Љубен Апостолов, командант на 56. Велешки пешадиски полк од Петтата бугарска армија.
Спомен куќата во чест на убиените младинци, кои беа на возраст од 15 до 27 години, ќе се гради во близина на постоечкиот споменик во Моклиште. Како што појаснува градоначалникот Митко Јанчев, исто така ќе бидат подигнати и бисти на убиените ваташки младинци. Убиството се случило на роденденот на бугарскиот престолонаследник Симеон Втори. Младинците биле одведени во селската меана, тепани и обвинувани дека им помагале на партизаните. По измачувањето, полицијата и војската ги однеле во Моклиште. Додека ги воделе на стрелање, им кажувале дека ќе ги фотографираат.
Четири девојки, Мара Хаџи Јорданова, Стева Ампова, Павлина Касапинова и Ката Ицева биле сведоци на настанот. Младинците првин биле изрешетани со куршуми, а потоа избодени со бајонети. На родителите не им било дозволено да си ги погребаат децата, и тие биле покриени со земја и гранки.Погребот беше организиран по војната. Проектот беше најавен денес, а покрај спомен куќата, најавена е и изградба на фонтана и постојка во кружен тек Сашко Гешовски, со патерно уредување.
-Во годишниот план за јавни набавки предвидени се 92 постапки за јавни набавки, а проценетата вредност за доделување на договор за јавни набавки изнесува околу 3.704.200 евра со ддв, појасни Јанчев.