Кавадарци на трето место во земјава според број на активни случаи на вирусот!

by Fokus

Корона вирусот во Кавадарци не стивнува и веќе неколку недели по ред во општината има високи бројки на новоинфицирани лица во дневните извештаи на Министерството за здравство. Според вчерашниот извештај, Кавадарци по број на активни случаи се наоѓа на третото место во земјава.

На првото место е Скопје со 3.956 активни случаи, зад него Охрид со 389 и по него Кавадарци со 357. Зад Кавадарци се наоѓа Куманово со 341 случај, па Тетово со 305. Во останатите општини бројката на активни случаи е под 300. Само во тек на вчерашниот ден беа регистрирани нови 35 случаи на вирусот, односно дури 142 лица се инфицирале за една недела.

На што се должат овие бројки, во период кога бројот на нови случаи на ниво на целата држава се намалува, нема прецизен одговор. Од ЦЈЗ Кавадарци велат дека причина за зголемениот број на позитивни лица е можеби намалениот имунитет кај граѓаните, и како загаденоста на воздухот е актуелна секогаш во овој период од годината со што лошо влијае врз општата здравствена состојба на населението. Од друга страна пак, недоволното почитување на мерките за заштита од вирусот се голем ризик фактор при преносот на инфекцијата.

Повозрасни кавадарчани се жалат дека кафулињата се полни, а престојот во затворени простории, каде често младите забораваат на држење на дистанца си го прави своето. Не недостигаат ниту собирите во домовите од кои често се објавуваат слики на социјалните мрежи, како и дружбите во викендички во околината на градот. Апелите на здравствените власти дека не е време за опуштање, најчесто се игнорираат. Од почетокот на пандемијата во градот се инфицираа 2.647 лица, а над 80 граѓани ја изгубија битката со болеста.

Вики Клинчарова

Поврзани новости