Од денес започнуваат мерките за штедење на електрична енергија под мотото ,,Заштеда на струја за безбедна зима”, и ќе траат седум месеци.
Според планот на Министерството за економија, за јавните институции се предвидени конкретни задолженија, за да се намали потрошувачката на електрична енергија за 15 проценти.
Исклучување на декоративно осветлување на јавни објекти, да не се користи осветлување во просториите кога има дневна светлина, климатизерите да не бидат на температура повисока од 20 степени, замена на старите со енергетски ефикасни сијалици, по можност да се користат скали наместо лифт, кратко да се проветруваат простории, за да не се губи топлина, исклучување на компјутери по завршување на работното време.
Тоа се дел од задолженијата за државните претпријатија и јавни институции, а општините треба да определат лица кои ќе вршат чести контроли во тек на работно време, но и по работното време, со цел да се утврди дали се штеди електрична енергија.
Општина Кавадарци уште неколку месеци пред да започнат мерките за штедење, започна проект чија цел е општинските институции да добиваат струја од сонцето.
Досега во десет институции е завршено инсталирање фото-напонски панели и овие институции веќе добиваат струја од сонцето.
Како што информираат од општината, се работи за доста значаен проект, а инвестицијата ќе биде вратена за една година.
Јавните установи ќе добиваат електрична енергија од сонцето и ќе имаат заштеди, бидејќи струја набавуваат на слободен пазар и истата е со доста високи цени.
Панели за производство на струја од обновливи извори на енергија ќе се поставуваат и на други општински институции во Кавадарци.
Вики Клинчарова