Невладината организација „Еко живот“ деновиве почна петиција за собрање потписи од жителите на Кавадарци против изградба на цинкара. Екологистите бараат да се стопира постапката со која на фирмата „ИГМ Трејд“ би и била издадена дозвола за проширување на дејноста, односно за пренамена од Г2 во Г1 индустрија. Ова за компанијата би значело влегување во областа на тешка индустустрија, што според дел од кавадарчани би предизвикало еколошка катастрофа во градот.
-Кавадарци е втор по ред најзагаден град во Македнија според мерењата на Министерството за животна средина. Бараме од Општината хоризонтални и вертикални мерки за справување со аерозагадувњето, а не инвестиција во нови комплекси од тешката индустрија кои можат само да ја зголемат загаденоста – вели Роберто Паризов од „Еко живот“, кој е потпретседател движењето на екологисти на Македонија.
Од „ИГМ Трејд“ претходно уверуваа дека новата инвестиција нема да предизвика штета по животната средина и здравјето на граѓаните. Од таму изјавија дека во погоните ќе се применува современа технологија која не е загадувачка, односно дека за работа ќе се користат гас и струја.
Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, пак, рече дека најдобро би било прво да се слушне мислењето на граѓаните преку јавна анкета.
Анкетата е во тек. „Еко живот“ планира за две недели да го собере потребниот број на потписи и петицијата да ја достави до Општината. Велат дека се задоволни од одѕивот на кавадарчани.
Иако со инвестицијата од 60 милиони евра е најавено дека ќе се отворат 250 нови работни, кавадарчани велат дека потребата од чист воздух е поголема.
-Кавадарци е највработен град во Македонија и потребата од економски аспект не е алармантна. Точно, потребата од економски развој е голема, но не по секоја цена. Кавадарчани не сакаат нови инвестиции од областа на тешката индустрија. Градот ни е веќе загаден од преголемиот број автомобили, огревни дрва и фосилни горива. Апелираме до Општината да изработи локален еколошки акционен план како би се справиле со загадувањето – посочува Паризов.
Против проектот за изградба на цинкара претходно реагираа и од еколошкото друштво „Тисовец“. Од таму предупредија дека цинкарата би предизвикала еколошка пропаст во Тиквешијата, позната по своите лозарски, овоштарски и земјоделски производи. Инвеститорот, велат од таму, се обидува да го протне проектот на мала врата, а екологистите најавуваат дека ќе се обединат со бизнис секторот и винариите против овој проект.
Доколку „ИГМ Трејд“, ја добие дозволата најавува дека ќе воведе производствени линии за проширување на асортиманот на постоечките производи, со инсталирање линии за производство челични заварени цевки, за топло преобликување, за надолжно расечување, за сечење контури на табли лим, за профилирање на отворени профили. Исто така, со проектот се планира проширување на дејноста со воведување на производствени линии за нови производи, со инсталирање линии за профилирање црни, поцинкувани и пластифицирани трапезни лимови и производство на панели, планиран комплекс-ладна валавица, планирана цинкара-инсталација за топло поцинкување цевки и други челични производи.
М.В.