Иновацијата на кавадарчанецот Димитрија Ангелков, паметни канти кои што зборуваат и ги усмеруваат граѓаните како да го селектираат отпадот, наскоро ќе се најде во градинките и училиштата во Кавадарци. Докторот на науки од електротехничка струка и професор средното електромашинско училиште во Кавадарци веќе договорил соработка со градоначалникот Митко Јанчев, а кантите по цена од 200 евра наскоро ќе се најдат на повеќе локации низ градот.
За ,,Фокус” тој раскажува дека тие работат на енергија од соларен панел, и доколку кантата е преполна, таа ќе му го каже тоа на корисникот. Исто така, кантата врши селекција на отпадот, па доколку некој се обиде да фрли пластично шише во канта што прима само стаклени шишиња, истата ќе му се обрати со зборовите да селектира правилно и ќе го упати во која канта да го фрли отпадот.
-На овој изум работев околу две години. За истиот во конкуренција од 120 учесници од 31 држава на саемот за образование во Фиренца, Италија, бев првонаграден за иновативниот екометод. Иновацијата го решава проблемот со враќањето на пластичните, стаклени и метални шишиња за рециклирање. Договоривме соработка со градоначалникот Јанчев и се надевам дека ќе допринесам нашиот град од второ, да дојде до првото место како Еко Општина – вели 38-годишниот професор.
Додава дека има решение и за актуелниот проблем, кој во изминатиот период се почесто се случува во Скопје, а тоа е палењето на контејнерите, од страна на несовесни граѓани. Вели дека за само 1.000 денари може да се најде начин да се заштити контејнер кој вреди над 1.000 евра.
-Се работи за едноставен систем за гасење на пожар кој лесно се вградува во контејнерите. Целиот механизам кој добро ми е разработен изнесува околу 1.000 денари. Мислам дека таа сума е незначителна, со оглед на тоа колку чини еден контејнер и ќе ги одврати потпалувачите од намерата да направат штета – раскажува Ангелков.
Тој вчера се сретнал со претседателот Стево Пендаровски и му поклонил еден од своите изуми. Станувало збор за уред за мерење на радиоактивното зрачење во домот. За уредот професорот освои златен медал на ,,Макинова 2019” и вели дека на корисниците им овозможува да живеат во здрава и проверена средина, како и да консумираат здрава, проверена храна.
-Господинот Пендаровски доби уред со кој што ќе може да проверува дали има штетно зрачење во негова близина. Го запознав и со останатите уреди кои што ги изработувам, а чија листа е долга. Системи за центрирање на коли, возачки симулатор, уред за кроење на лозови насади и други. Во врска со загадувањето на воздухот со кое се соочуваме секоја година, посебно во ладниот период, нудам доста ефективно и економично решение, кое посебно би требало да го разгледа Град Скопје. Станува збор за трансформирање на старите автобуси на ЈСП во електро – автобуси, односно во тролејбуси – појаснува професорот.
Според него, електробусите не користат нафта, а биле и многу поекономични, односно дури за шест пати билетите би биле поевтини отколку сега, за автобусите.