Кавадарци добива фонтана на виното!

by Fokus

Градот на лозарите и винарите, Кавадарци, добива нова фонтана во облик на чаша за вино. Од неа симболично ќе тече вино, односно како што појаснува градоначалникот Митко Јанчев, ќе има ден на бело или ден на црвено вино, и ќе тече обоена вода.

Идејата била негова, инвеститор е општината, додека изведувач на проектот е компанијата ,,Метал Апостолов” од Кавадарци.

-Виното е симбол на нашиот град, а фонтаната на виното одлично се вклопува во приказната за Кавадарци. Проектирана со специјални ефекти и несекојдневна, таа ќе биде убава глетка за граѓаните и посетителите на градот – појаснува тој.

Изминатиот период и покрај кризата поради пандемијата, во Кавадарци се реализираа повеќе проекти. Во само една недела, градот доби скејт парк, се асфалтираше патот кој си спојува Долна и Горна Бошава, се чистеа диви депонии, се прави нов паркинг кај зградите познати како Белка, саниран е дворот на црквата во Дреново, а сите фонтани со вода за пиење во градот добија педали за нога, со цел рационално користење на водата. При крај е изградбата на велосипедска патека од Ваташа до Моклиште со должина од 4,5 километри, која е целосно осветлена, а се поставуваат и паметни клупи со бесплатен интернет и полнење на мобилни телефони. Исто така, и на делницата на улица ,,Шишка” се постави нов тип на асфалт, полимер битумен со дебелина од 6 сантиметри, кој е поотпорен на надворешни влијанија и на големо сообраќајно оптоварување.

-Работата не смее да чека ниту пак да биде успорена поради актуелната пандемија. Реализацијата на сите започнати проекти се одвива непречено, при крај е и реконструкцијата на градскиот стадион, а градскиот парк кој е гордост на градот доби современо осветлување. Веќе е најавена и јавната расправа за сите урбани и месни заедници за подготовка на годишните програми за 2021 година.

Се придржуваме до мерките за заштита од вирусот, и истовремено се трудиме Кавадарци да добие европски изглед- ни изјави градоначалникот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости