Брзата и професионална интервенција на кавадаречките пожарникари утрината околу два часот спречи катастрофа од голем размер, кога во куќа во близина на Основното Училиште Димката Ангелов – Габерот избувнал пожар.
Се уште се утврдува причината за пожарот, кој според очевидци на местото на настанот започнал да се шири со страотна брзина.
-Огнените пламени се ширеа многу бргу, се се одвиваше како на филм. Куќата се наоѓа на незгодно место, има многу други куќи околу неа, сите кои бевме сведоци на настанот стравувавме дека пожарот може да ги зафати и околните објекти. Луѓето испаничени, ние кои случајно се затекнавме таму не знаевме што да правиме и како да помогнеме – раскажаа очевидци на настанот за ,,Фокус”.
Велат дека кога стигнала противпожарната единица, со нивниот крајно професионален пристап и големи напори, пожарот за кратко време бил локализиран и се избегнало негово проширување наоколу.
-Секоја чест на храбрите момци од противпожарната служба во Кавадарци. Смирени, брзи, професионални, ја ставија ситуацијата под контрола за кратко време. Некои од луѓето дури и им аплаудираа кога се заврши целата работа, заслужија да добијат одликување – велат очевидците.
Настанот ни го потврдија и од Територијалната противпожарна единица од Кавадарци. Командирот Александар Чадамов вели дека е горд на екипите кои биле составени претежно од млади, посветени и мотивирани пожарникари.
-Утринава интервенираа околу десет пожарникари, два тима со три возила. Се работи за млади луѓе, и горд сум на нивната професионалност и ефикасност. Мора да спомнеме дека нашите пожарникари, благодарение на градоначалникот Митко Јанчев добија комплетно нова унифицирана и стандардизирана противпожарна опрема, која е од голема помош при извршувањето на комплицираните и ризични задачи и екипите можат да се приближат до жариштето без проблем. Граѓаните мора да имаат беспрекорна противпожарна заштита, и драго ни е што се осовременуваме, со тоа и пожарникарите се многу посигурни и помотивирани. Опасноста од проширување на пожарот на другите куќи беше голема, но за среќа се заврши добро – ни изјави Чадамов.
Вики Клинчарова