Шест пожарникари со две противпожарни возила и две пумпи за испумпување на вода од кавадаречката Противпожарна единица вчера им помагаа на своите колеги во Неготино, при санирањето на штетите од силното невреме кое ја зафати општината.
Од Неготино пак, биле ангажирани 13 пожарникари со три противпожарни возила од ТППЕ Неготино, информираат од Центарот за управување со кризи.
Торнадото кое предизвика огромен број на штети во Општина Неготино започна во околу 16.10 часот вчера и траеше кратко. Зад себе остави паднати дрва, покриви, бандери, гаражи, земјоделски фолии…
Веднаш откако помина невремето, не терен излегоа и екипите на ЈП Комуналец Неготино, а според ЦУК, активностите на екипите траеле до доцна во ноќта.
Локалните жители велат дека не се сеќаваат некогаш во минатото да се случило слично невреме. Од ЦУК информираа дека градот беше погоден од торнадо, природен феномен кој не е карактеристичен за нашето поднебје.
Вики Клинчарова