Кавадаречкиот градоначалник Панов се пожали: Секој ден ми го гребат автомобилот!

by Fokus
,,Новинарите и кавадаречката јавност нека следат во наредните месеци која ќе биде наградата за судијата (Др. Лазар Нанов) кој ја донесе пресудата во Основен суд Кавадарци, и по тоа да заклучат дали има суштина или нема. Доколку не биде награден, тогаш навистина донел вистинска одлука’’ – изјави денес Александар Панов, градоначалникот на Кавадарци, во врска со пресудата за изборен поткуп, со која е осуден на два месеци затвор.
 
Пред локалните медиуми, тој повторно се пожали дека против него се води масовен атак.
 
,,Обиди преку бомбите да се покаже во негативно светло мојата личност, секојдневно гребење на автомобилот и одвртување на штрафовите на гумите, небаре тоа е само мој автомобил, во него се вози целата моја фамилија, кривични пријави кон мене и мојата сопруга за се што постои, само негативно зборува за нив. Треба да се натпреваруваме со проекти, а не со ваква ниска, средновековна борба, со која се прави една негативна слика, дека ние сме душмани, а не само политички противници’’ –  тврди Панов.
 
Кога минатиот петок тој беше прогласен за виновен во процесот изборен поткуп, и заработи шеесет дена затворска казна, изјави дека се работи за политичка хајка против него, и како помеѓу судијата Нанов и него од поодамна владеело нетрпение.
 
На судењето сведочеше сведокот Сали Мемедов, кој потврди дека градоначалникот му дал 1.000 денари за да гласа за ВМРО ДПМНЕ. Панов веднаш по пресудата најави жалба.
 
Вики Клинчарова

Поврзани новости