Кавадаречката болница доби апарат за компјутерска томографија вреден 400.000 евра

by fokus

Во Кавадарци денес беше пуштен во употреба апарат за компјутерска томографија, единствен во регионот, а од кој бенефит ќе имаат не само пациентите од Кавадарци, туку и од околните општини.
Директорот на болницата, д-р Диме Коцев открива дека се работи за апарат вреден 400.000 евра, обезбедени како финансиска помош од ЕУ.

-Ми причинува огромно задоволство, после неколкугодишни напори и залагање, да ве известам дека од денес, во нашата установа, официјално е пуштен во употреба новиот апарат за компјутерска томографија.
Апаратот кој е од марката Филипс е еден од најсофистицираните томографи на пазарот. Истиот е обезбеден со финансиска подршка од ЕУ, во вредност од 400.000 евра – за ,,Фокус” раскажува д-р Коцев.

Појаснува дека за прв пат во болницата инсталирале ваков апарат, и најпрвин се одвивал процес на соодветна адаптација на просторот, а потоа и процес на едукација на медицинскиот персонал.

-Тоа се нашите доктори – специјалисти по Радиологија и нашите рентген техничари. Минатиот месец, после успешно извршените мерења, ја добивме и Дозволата за работа од страна на Дирекцијата за радијациона сигурност.
Затоа, од денес сме официјално спремни за работа и реално со примената на овој апарат значително ќе го зголемиме нивото на здравствени услуги кои им ги нудиме на пациентите.
Тие, оваа дијагностичка метода сега ќе ја добиваат на време, без чекање, и повеќе нема да мора да патуваат во други градови. Убеден сум дека од сето ова бенефит ќе имаат не само граѓаните на Кавадарци, туку и на целиот Тиквешки и Повардарски регион.
Лично, би сакал овој апарат што помалку да се користи, но ако веќе треба да се користи – нека биде тоа овде – дома – ни изјави д-р Коцев.

Кавадаречката болница во последните години станува регионален здравствен центар, каде се реновирани повеќе оддели и се набавува современа апаратура.

Вики Клинчарова

Поврзани новости