Кавадарчанката која ја уби сопругот во Германија, ќе биде погребана утре

by Fokus

Македонката која минатиот четврток беше убиена од страна на нејзиниот сопруг во Есен, Германија, ќе биде погребана утре, во петок, на гробишта во Есен. Детали за погребот на убиената 41-годишна Ванеса П. објавија повеќе нејзини роднини од Кавадарци на социјалните мрежи, кои со трогателни пораки, фотографии и видеа се простуваат од неа.

За трагедијата која се случила во вечерните часови минатиот четврток, известија германските медиуми, опишувајќи го настанот како ужасно крвопролевање. Ванеса била избодена во станот во кој живеела, пред очите на нејзиниот осум-годишен син.
Како осомничен за убиството беше наведен нејзиниот 47-годишен сопруг, по кого била распишана потерница.
Како што пренесуваат тамошните медиуми, набргу потоа тој самиот се предал на полицијата и бил приведен.

-Одделот за убиства во Есен ја истражува позадината на настанот и ја утврдува причината за смртта. Според полицијата, децата на жртвата се згрижени кај нивни роднини – објави германски Indonewyork.com.

Пред неколку дена пак, германските медиуми известија за убиство на 32-годишен Македонец, кое исто така се случило во Есен. Тој бил убиен во саботата, околу два часот по полноќ, откако бил нападнат од страна на две млади лица од Еритреја, кои го удирале со пивско шише, додека не се онесвестил. Бил пренесен во болница, но набргу починал. Двете осомничени лица биле приведени.

Минатиот месец исто така се случи убиство на дете од Македонија во дијаспората. За настанот известија медиумите од Шведска, кога татко од Кочани во областа Розенлунд го убил својот 10-годишен син. Како што беше објавено во полицискиот билтен на Шведска, таткото веднаш бил притворен и била започната кривична истрага.

Вики Клинчарова

Поврзани новости