Кога граѓаните се жалат во полиција на гласна музика од соседството, најчеста пракса е полициските службеници да поразговараат со лицето обвинето за бучавата, и случаите вообичаено завршуваат со усна опомена.
-Намали музика и не нарушувај јавен ред и мир – е најчестата реченица со која завршуваат ваквите поплаки. Користење на фонометар во домови за да се утврди фактичката состојба, не е вообичаено, туку истите најчесто се користат кога се прави контрола во угостителски локали.
Но, во Кавадарци полицијата започна да врши мерење со фонометар и во случаи кога се пријавува гласна музика во нечиј дом.
Синоќа, по пријава на 28-годишна кавадарчанка, која во полиција се пожалила дека во нејзината зграда се пушта гласна музика во 1.30 по полноќ, службениците кои излегле на терен извршиле мерење на бучава со фонометар.
-На 25.05.2023 во 01.35 часот во Полициската станица во Кавадарци Т.Т. (28) од Кавадарци пријавила дека во зградата каде што живее бил нарушен јавниот ред и мир со гласна музика. Од страна на полициски службеници од Полициската станица Кавадарци било извршено мерење на бучава со фонометар и била констатирана поголема бучава од дозволената (120 децибели) во станот на С.М. од Кавадарци. По целосно документирање на случајот ќе следи соодветна пријава – информираат од СВР Велес за „Фокус”.
Од таму додаваат дека фонометрите во регионот најчесто се користат за мерење на бучава во локали, а ги имале околу три, кои по потреба, во зависност од тоа во која општина има акција, се давале на користење на службениците.
-Има правилник за користење на фонометарот, во зависност од зоната, има и табела со пропишани дозволени децибели. Доколку службениците имаат достапен фонометар кога се пријавува нарушување на јавен ред и мир со бучава или гласна музика, тие треба да извршат мерење, со што се добиваат точни податоци. Освен за угостителските локали, ова треба да важи и за пријави во домови. Значи, треба да се користат, и се користат во зависност од тоа дали во моментот на пријава има достапен фонометар – велат од СВР Велес.
Од регионот, граѓани од Неготино кои пријавиле гласна музика од соседство, велат дека не се случило да се мери бучавата со фонометар.
Во Демир Капија пак, минатата недела се случи трагедија кога пензионер го уби својот млад сосед, а потоа се самоуби, а нетрпението помеѓу нив траело долго, наводно поради тропање и бучава, кои пензионерот често ги пријавувал во полиција.
Како што појаснија тогаш од полицијата, случаите завршувале со разговор и опомена до младиот сосед да не прави бука, но немаше детали дали се извршило мерење на бучавата.
Неофицијално, сопругата на пензионерот-убиец, по настанот во полиција изјавила дека таа не слушала никакво тропање од соседниот стан.
Вики Клинчарова