Кавадарчани загрижени дека во паркот ќе се градат пет згради, Јанчев тврди дека паркот на неговото детство нема да биде допрен

by Fokus

Изминатиот период на социјалните мрежи е актуелна иницијатива за спас на градскиот парк во Кавадарци. Активистите за здрава животна средина ги алармираа медиумите и јавноста, и бараа став од градоначалникот, обвинувајќи дека имаат сознанија како на градскиот парк е планирана изградба на пет згради.

Потенцираа дека Кавадарци е еден од градовите со високо загадување во земјата, и како со уништувањето на градското зеленило се прави штета од огромни размери. -Имаме сознанија дека во паркот се планира изградба на најмалку пет згради. Со тоа трајно се уништува белегот и гордоста на нашиот град. Мора секоја индивидуа да се крене против оваа узурпација од страна на урбаната мафија – апелираа од граѓанската иницијатива за спас на паркот, потенцирајќи дека паркот претставува природен филетр на градот.

Од друга страна, градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев по обвинувањата дека паркот се уништува со сеча на дрва и изградба на објекти истакна дека истиот нема да биде допрен.-Градскиот парк во Кавадарци, кој е гордост и бели дробови на градот нема да биде допрен. Тоа е паркот на моето детство, младост, место каде моите деца, а во иднина и внуци ќе играат и поминуваат време во прекрасното зеленило кое е белег на нашето Кавадарци – за ,,Фокус’’ изјави градоначалникот Јанчев.

По повод реакциите на граѓаните, тој вчера одржа средба со медиумите, со цел да ја појасни состојбата и случувањата поврзани со градскиот парк. Пред присутните тој гарантираше дека за време на неговиот мандат нема да се намали ниту една зелена површина, и како ќе се зголемуваат зелените површини.

-Овој ГУП и ДУП во делот на градбата кај споменикот на Ќиро Крстев и навлегувањето делумно во паркот е донесено во 2013 година. Јас како градоначалник, како општина и советот немаме можност да донесеме решение за укинување на ДУП или ГУП кога има издадено дозволи за градба. Инвестирано е во објекти и направена е инфраструктура. Инвестицијата тука воопшто не е занемарлива. Можеме како општина за во иднина на сите зелени површини да им ставиме граница, односно минимална граница и ја загарантираме таа граница. Како градоначалник стојам на располагање дека мора да се грижиме за зелените површини во делот на екологијата и во делот на самата градска средина, да добиеме почист воздух и средина. Се што имаме во понатамошен развој поготово во делот на градба, јавно и транспарентно ќе објавуваме до јавноста преку медиумите и ќе гледаме нашите служби да бидат поажурни, во она што значи да ги информираат граѓаните и да им укажат колкава е нивната можност за навремено да реагираат, кога се носат урбанистички планови. Кога во 2013 година е донесен планот не реагирал никој. Процедурата траела неколку години , а не реагирал никој. Донесена е одлука од сите министерства и релевантни институции. Ние сега после 5 години не можеме тоа да го ревидираме или да им правиме опструкција или нешто ново да донесеме – порача тој пред медиумите.

Исто така, беше појаснето дека според урбанистичките планови во близина на паркот е предвидена изградба на шест објекти за колективно домување и пет мали трговски објекти. Сите површини околу паркот не биле на општината и на државата, туку имало и парцели на приватни сопственици, кои можеби иницирале на измена на урабнистичките планови, но во минатото никој не реагирал на тоа.

-Со новиот ГУП кој ќе го донесеме, гарантирам дека во мојот мандат со советот нема да намалиме ни една зелена површина и доколку е стратешки интерес на било кој индивидуалец не доаѓа на памет да се направи такво нешто, но доколку е од интерес на урбаната заедница ќе го слушнеме прво гласот на народот – категоричен е Јанчев.


Вики Клинчарова

 

Поврзани новости