Додека дел од граѓаните бараат одговорност и разрешување од функција на двајцата директори на основни училишта од Кавадарци, кои во раните утрински часови во саботата се тепаа пред ноќен клуб, се огласија и кавадарчани кои сметаат дека нема ништо лошо во настанот, бидејќи се случувал надвор од училиштата.
На социјалните страници посветени на општината, се почести се оние кои коментираат дека за ништо се кренала галама, бидејќи секому можело да му се случи да решава недоразбирања со ќотек.
-Нека крене два прста оној кој никогаш досега не се степал! Оставете ги директорите, луѓе се и тие, се степале, па што? Не се тепале во школо, во клуб се закачиле, многу ги има по некоја чаша ракија ќе пијат, па ќе се грабнат, и после ќе се смират – се дел од коментарите кои кавадарчани ги оставаат по повод настанот.
Други пак, сметаат дека однесувањето на директорите е за осуда, бидејќи тие мора да се водат според моралните и етички стандарди не само во училиштето, туку и надвор од него.
Од тепачката беше објавена и видео снимка на страницата посветена на градот – Реално Кавадарци. Но, за кратко време истата беше отстранета.
Од СВР Велес го потврдија настанот во кој учествувале двајца директори на основни училишта, на возраст од 39 и 54 години. Тие биле приведени во полициската станица бидејќи го нарушиле јавниот ред и мир и агресивно се однесувале кон лица од обезбедувањето на локалот. Против директорите ќе биде поднесен соодветен поднесок.
Во врска со случајот, вчера кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев за ,,Фокус” изјави дека директорите ќе бидат разрешени од функција во понеделник.
Вики Клинчарова