Кавадарчани не прифаќаат стечај на ,,Фени индустри’’: Од апели за спас, до клетви поради згаснувањето на економскиот столб на градот!

by Фокус

Веста дека Фени Индустри од Кавадарци оди под стечај, откако пропаднале преговорите за продажба со заинтересираната бугарска фирма Енекод, предизвика голема загриженост и револт кај кавадарчани. Околу осумстотини вработени во компанијата и нивните семејства се оставени во неизвесност, а групите на социјалните мрежи посветени на градот се полни со апели да се не дозволи замрување на Фени, која е извор на егзистенција на добар дел од граѓаните, со децении наназад.

-Ако згасне Фени, тоа ќе значи и згаснување на Кавадарци – потенцираат граѓаните, апелирајќи да се разјасни како се направил долг од 60 милиони евра, од кои 40 кон банките, а 20 кон доверителите. Во коментарите на граѓаните има од обвинувања, апели за спас на компанијата, па се до клетви.

Фени индустри отсекогаш бил еден вид на економски столб на Кавадарци. Ако на пример, во останатите поголеми компании, како германската Дрекслермајер, фабрика за производство на автомобилска електроника, обичниот работник добива плата од околу 200 евра, во Фени просечната плата се движеше околу 500 евра. Јавна тајна е дека секогаш кога во топилницата се бараа нови работници, се вртеа телефони и се фаќаа врски за да се добие работно место. Освен од Кавадарци, голем е бројот на работници и од Неготино и од околните места.

Уште пред околу две години, Фокус пишуваше дека состојбата во Фени е загрижувачка, како се започнало со отпуштања на вработените и намалувања на платите. Граѓаните беа загрижени поради тогашните шпекулации дека околу 200 работници ќе бидат отпуштени од работа, но ПР службата на комбинатот ги демантираше нивните тврдења.

-Само се шпекулира дека околу 200 работници ќе останат на улица, бидејќи 23 е бројката на вработени на кои што не им беше продолжен договорот за работа. И покрај намалениот капацитет на работа, правиме се што можеме за да нема отпуштања. Една од мерките за да нема отпуштања е и тоа што вработените веќе неколку месеци добиваат само 70 отсто од редовната плата – ни изјавија тогаш надлежните во Фени.

Вчера пред локалните медиуми обраќање имаше Ѓоре Палитов, претседател на Синдикатот на Фени.

-Сметам дека треба да му се даде можност на бугарскиот инвеститор да ја преземе целата фабрика. Сакам да напоменам дека банките не можат, и нема да дозволиме да одлучуваат за судбината на илјада вработени и уште толку доверители во Фени! Банките преку камати во последните 16 години имаат наплатено најмалку колку што е долгот во моментов, додека вработените, транспортерите и другите доверители имаа вложено и пари од сопствените џебови, и сега не можат да си ги наплатат, а камоли да си наплатат камати како банките. Сега нема да дозволиме банките и покрај сите пари кои ги имаат наплатено од Фени, повторно да одлучуваат за судбината на фирмата и сите доверители. Ние како Синдикат нема да прифатиме стечај! Со штрајкови ќе ги блокираме судот и банките, и доколку за нас нема работа, нема да има и за нив. Стечајот е неприфатлив, затоа што во таков случај вработените треба да седат дома и да земаат плата. Синдикатот на Фени нема да остане мирен – нагласи синоќа пред новинарите Палитов.

Вики Клинчарова

Поврзани новости