Кавадарчанец на возраст од 35 години синоќа бил лишен од слобода, бидејќи во угостителски објект во центарот на градот агресивно се однесувал и му упатил закани на градоначалникот Митко Јанчев.
Од СВР Велес информираат дека тој бил задржан во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Околу тоа што точно се случило, за ,,Фокус” појаснува градоначалникот, кој вели дека синоќа, кога се случил немилиот настан, седел во локалот со свои соработници од јавните служби и разговарале за претстојниот фудбалски натпревар.
Мажот кој му дошол на маса да му се заканува, првин го забележал неговиот автомобил пред локалот, со намера да се заканува влегол внатре, скршил чаша, и започнал да го навредува, да удира на неговата маса, и да му кажува дека ќе види убаво.
-Лицето го знам од видување, зад себе има повеќе конфликтни ситуации и познато и е на полицијата. Случката беше навистина непријатна, не само за мене, туку посебно за луѓето кои беа со мене, чија безбедност исто така беше загрозена. Дојде обезбедувањето, реагираа навремено, но сите во локалот се вознемирија поради искажаната агресија, заканите, викањето… Многу лоша слика.
Но, денес лицето кое синоќа агресивно ми се закануваше, телефонски ме контактираше, па започна да плаче и да ми се извинува.
Згрешил многу, пијан бил, лошо пијанство, невработени биле дома, имал деца за гледање- вели градоначалникот.
Додава дека тој секогаш е во служба на граѓаните, па ако некој има проблем, во секое време може да му се обрати, со цел да му се најде решение за ситуацијата во која се нашол.
-Јас сум овде за граѓаните, секогаш. Дури и на улица ако ме сретнат, или пак како што беше вчерашниот случај, во локал, можат слободно да ми се обратат, да си го кажат проблемот, па да се обидеме да најдеме заедничко решение.
Агресивното однесување не е решение. Се вознемирија сите во локалот, настана една лоша сцена. Со закани и кршење на закон само се продлабочуваат проблемите. Разговорот е цивилизиран начин да се средат проблеми, се надевам дека човекот кој синоќа ме нападна ќе го увиди тоа и во иднина нема да прави слични прекршоци – порача Јанчев.
Вики Клинчарова