Маж од Општина Кавадарци на возраст од 61 година извршил обљуба врз малолетно девојче кое било штитеничка во Мал групен дом за деца од социјален ризик во Кавадарци.
Настанот се случил во неделата, а случајот бил пријавен во Одделение за внатрешни работи Кавадарци, вчера, од страна на вработена во домот.
Од СВР Велес за ,,Фокус” го потврдија случајот, но не откриваат повеќе детали, односно не добивме одговор на прашањето дали кавадарчанецот е притворен.
Од таму појаснија дека се преземаат мерки за решавање на случајот.
За Малиот групен дом за деца од социјален ризик во Кавадарци, пишувавме и во минатото, односно во април 2020 година, за случај кога дете на возраст од девет години побегнало од домот, и по него се трагаше пет дена. Откако беше пронајдено, по само еден ден, тоа повторно побегна од групниот дом.
Истата година, во мај, во полиција беше пријавено и исчезнување на седум-годишно дете од групниот дом, кое по неколку дена беше пронајдено.
Вики Клинчарова