Кавадарчанец кој четири дена е заглавен во својата викендичка во близина на селото Радна, поради снежните наноси, денес ќе биде земен од страна на Зимската служба за одржување на улици и патишта на Општина Кавадарци.
Рано утрово четири лица со соодветна опрема и со еден трактор и Лада Нива се упатиле кон неговата викендица, до која земјениот пат бил со снежна покривка над 50 сантиметри, и имало искршени гранки и дрва.
Како што дознава „Фокус“, на кавадарчанецот првин му било понудено да биде земен од викендичката со четрицикл, но тој категорично одбил, бидејќи со него биле и неговите две кучиња кои по никоја цена не сакал да ги остави.
-Лицето се наоѓа во доста непристапен терен, на околу 45 километри од градот, и првин му беше понудено да го земеме со мојот приватен четирицикл кој е оспособен да се движи во такви услови. Но, поради кучињата, тој одби да биде спасен сам, и остана на своето, да биде земен единстевно ако може да се земат и неговите кучиња-вели градоначалникот Митко Јанчев.
Појаснува дека денес специјално опремените возила се упатиле кон тешко пристапното место, за да го спасат кавадарчанецот заедно со неговите кучиња. Со себе носеле и моторни пили, бидејќи патот бил непрооден од паднати дрва.
-Според информациите кои ги имам, станува збор за повозрасно лице. Добро е тоа што тој има храна, а екипите се на пат. Нивните мобилни телефони се недостапни моментално, за да провериме до каде се, но се работи за локација во шумски терен каде често нема мрежа. Пристигнувањето до викендичката ќе биде тешко, во овие услови, но се надеваме дека се ќе заврши добро и човекот ќе биде спасен и пренесен во градот заедно со неговите кучиња- ни изјави градоначалникот.
„Фокус“ ќе ја информира јавноста околу настанот и ќе извести веднаш штом се огласат екипите кои се на пат кон кавадарчанецот и кучињата.
Вики Клинчарова