Кауфланд Хрватска ги намалува цените на над 1.000 производи

by Fokus

Малопродажниот ланец Кауфланд Хрватска денеска најави намалување на редовните цени за повеќе од илјада производи што ќе започне на 5-ти февруари годинава.

Кауфланд, како што се наведува во соопштението, на своите клиенти им обезбедува над 1.800 производи по промотивни цени секоја недела.

Дополнително, по трет пат за една година, почнувајќи од 5-ти февруари годинава, ги намалува цените на повеќе од 1.000 производи, кои повторно ќе им бидат достапни на купувачите по намалени редовни цени.

Ваквите попусти, како што наведува Кауфланд, се дел од нивните постојани напори основните намирници и производи да ги направат што подостапни за граѓаните по поприфатливи цени.

„Свесен за промените на пазарот и предизвиците за управување со буџетот на домаќинствата, Кауфланд се стреми да остане сигурен партнер во секојдневното купување со широк асортиман од просечни 19.000 производи кои ги задоволуваат различните потреби на потрошувачите“, нагласуваат од трговскиот синџир.

Вчера хрватската Влада презентираше проширена листа на производи со ограничени цени, која вклучува 70 артикли. Одлуката за нова листа на производи со ограничени цени денеска е на дневен ред на владината седница.

Трговците ќе имаат седум дена да се приспособат и одлуката треба да стапи на сила следниот петок, изјави вчера министерот за економија Анте Шушњар.

Малопродажниот синџир Конзум вчера соопшти дека во соработка со хрватските добавувачи инвестирале дополнителни милион евра во намалување и заклучување на цените на 250 домашни производи кои не се вклучени во најавената владина одлука за ценовни ограничувања.

Поврзани новости