Кацин: Словенија наскоро ќе го ратификува протоколот за членство на Македонија во НАТО

by fokus

Словенечкиот амбасадор при НАТО, Јелко Кацин, порача дека по денешната ратификација на Преспанскиот Договор во Грција, Македонија може да стане членка на НАТО за помалку од една година, јави дописничката на МИА во Брисел.

Кацин за медиумите рече дека ако сѐ оди како што сите посакуваат, „македонското знаме би можело да се вее пред седиштето на НАТО до крајот на оваа година, најдоцна на почетокот на 2020“.

Македонија ќе стане членка на Алијансата „де факто наскоро, но де јуре откако сите сојузници ќе го ратификуваат пристапниот протокол“.

-Подготвени сме и имам дозвола од словенечката влада да го потпишам пристапниот протокол, рече Кацин.

Амбасадорите на земјите-членки на НАТО треба во наредните десетина дена да добијат зелено светло за одобрување на пристапниот протокол, по што на Македонија ќе и биде дозволено да учествува во сите клучни формати на Алијансата како набљудувач. Откако ќе биде ратификуван пристапниот протокол во сите земји, Македонија ќе стане полноправна членка на НАТО.

Според дипломатите во НАТО, следниот вторник би можело веќе Македонија да биде ставена на дневен ред на Северноатлантскиот совет или НАК.

-Учеството на НАТО состаноците како набљудувач е важен период за подготовките на Македонија за полноправното членство, истакна Кацин.

Поврзани новости