Кацарска за сведочењето на Стефанова: Згрозена сум, размислувам за тужба!

by fokus

Судијката Добрила Кацарска вели дека е згрозена од сведочењето на обвинтелката Лиле Стефанова, која денеска на судењето за „Рекет“ рече дека пристисоци за бизнисменот Орце Камчев доаѓале од сите страни, а со име ја спомена судијката Кацарска.

-На почетокот на истрагата за “Империја” притисоците доаѓаа од повеќе места. Се јавуваа политичари, бизнисмени, судии, обвинители.. и кај мене и кај Јанева. Тогаш и Јанева не се интересираше за предметот, а нејзиниот интерес се појави во декември кога бараше повеќе информации, рече Стефанова.

На прашањето на адвокатот Сашко Дуковски, дали тој судија е во Кривичниот суд, Стефанова рече:

-Тоа е судијката Добрила Кацарска. Не се јави лично кај мене, туку кај колега, рече обвинителката Стефанова.

Судијката Кацарска во изјава за „Фокус“ вели дека категорично го демантира кажаното.

-Згрозена сум. Ми се јавија колеги, зошто после 38 -годишен стаж прв пат не сум на работа, бидејќи сум многу болна. И колегите кои ми се јавија се згрозени. Категорично демантирам дека сум правела пристисоци, па тоа не е мое ниво, јас да се јавувам на Стефанова или да сум праќала други луѓе. Морам да видам што точно е кажано и ќе размислам за тужба за клевета и навреда, изјави судијката Кацарска за „Фокус“.

Таа истакна дека не и е јасно и кој во судница дозволил вакви прашања, односно за тоа дали некој ургирал, наместо обвинителката да кажела што знае за рекетот.

Бидејќи обвителката Стефанова рече и дека судијката Кацарска била во судот од рано утрото до следниот ден кога се одлучувало за притворот на Камчев, судијката вели:

„Од јануари 2018 година до јули 2019 година секој ден бев на работа, и сабота и недела. Секој ден стигнувам во 8.00 часот, а не си одам во 12 часот, јас работам. Останувам и до 23 часот вечерта и подоцна, кога се пишуваат пресудите, а се случуваше и до тогаш да трајат и рочиштата, за што и новинарите се сведоци, рече Кацарска, која додаде дека имала уште многу да каже, ама дека немало да се спушти на тоа ниво.

В.В.

 

 

Поврзани новости