Кацарска за „Фокус“: Очекуваме дека во извештајот на ЕК да биде спомената потребата да се спроведува Договорот со Бугарија

by Fokus

Европската комисија денеска во Брисел ќе го презентира годишниот извештај за напредокот на земјите од Западен Балкан во спроведувањето на реформите и европската интеграција, во кој е вклучен и годишниот извештај за Македонија.

-Очекуваме дека во извештајот ќе биде спомената потребата да се спроведува Договорот за добрососедство со Бугарија како и Договорот од Преспа во добра волја од двете страни, покрај и обврската која ја превземавме како држава за менување на Уставот, вели Симонида Кацарска – директорка на Институтот за европска политика.

Извештајот ќе биде претставен пред Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент од комесарот за соседство и проширување, Оливер Вархеји.

-Јас би се воздржала од генерализирачки проценки од типот на позитивен извештај. Ние започнавме процес на отворање на преговорите кој треба да биде заокружен со уставните измени. Очекувано е комисијата да го поздрави овој чекор, како и нашата политичка усогласеност со надворешната политика на ЕУ, како клучните теми на оваа година во цела ЕУ, вели Симонида Кацарска – директорка на Институтот за европска политика.

Ова е прв извештај на ЕК за земјава откако на 19 јули се одржа првата меѓувладина конференција со ЕУ во Брисел, со што официјално беа отворени преговорите за членство.

-Иако е неблагодарно да издвојувате одредени области, со оглед на методологијата на пристапниот процес, државата мора да држи будно око на сите области во кластерот темели кои се клучни за отворањето на самите преговори. Секако, ова не може да се оддели кај нас од уставните промени кои мора да се случат и кои ќе влијаат на останатите области. Покрај темелите, важно е да се навратат институциите на клучните секторски политики за пристапување кои беа занемарени со години. Она што е клучно за нас е да обезбедиме зголемено ниво на усогласеност со ЕУ, покрај напредокот во посебните поглавја. Дополнително, очекуваме повторно комисијата да го потенцира недостатокот на напредок во однос на подготовките за користењето на ИПА средствата, додава Кацарска.

Во нацрт-извештајот на Европската комисија за Македонија, до кој РСЕ имаше пристап, се вели дека потребна е ефикасна имплементација на постоечката легислатива, наместо да се покренуваат ад хок иницијативи.

Северна Македонија е умерено подготвена според речиси сите критериуми, се вели во нацрт-извештајот на Европската комисија, кој ќе биде објавен денеска. Добар напредок има само во економските критериуми, а многу добри резултати има и во усогласеноста на државата со европската надворешна и безбедносна политика.

Се наведува и дека се направени реформи во службите за безбедност, но треба да се зајакне капацитетот за парламентарен надзор врз работата на тајните служби, а забележано е дека доцни донесувањето на законите за административни службеници и законот за вработени во јавниот сектор.

Соња Танеска

 

 

 

 

Поврзани новости