Кацарска за бугарска Нова тв: Не постои законска пречка за внесувањето на Бугарите во Уставот

by Fokus

Добрила Кацарска – претседателката на Уставниот суд во интервју за бугарска тв Нова вели дека не постои никаква правна пречка за внесување на Бугарите во Уставот бидејќи, како што рече, не постои закон што би им забранил нешто на граѓаните кои се чувствуваат како Бугари, а би го овозможил на граѓаните кои се дел од албанскиот, турскиот, српскиот и другите народи во земјава.

Таа посочи дека земјава е мултиетничко општество и дека, според Уставот, немнозинските заедници ги уживаат истите права што ги ужива и македонскиот народ.

Кацарска рече и дека лично не би ѝ пречело државјаните на Северна Македонија кои се чувствуваат како Бугари да бидат впишани во Уставот ако се има предвид, како што рече, тоа што земјава ја има потпишано Рамковната конвенција за националните малцинства на Советот на Европа и дека дека ги признава правата на сите граѓани.

„Освен тоа, во Македонија има високи европски стандарди токму во поглед на немнозинските заедници, тоа го говорат всушност и сите извештаи на релевантни институции, тука се мониторинг-извештаите, годишните извештаи за напредокот на Република Северна Македонија, извештаите што се на многу невладини организации коишто работат токму за човековите права“ – изјави Кацарска.

На прашање дали им дала до знаење на македонските политичари оти нема законска пречка за внесувањето на Бугарите во Уставот, таа вели дека како претседателка на Уставниот суд, освен службена, таа нема никаква друга комуникација со политичарите.

„Јас одговарам пред сè како правник, потоа како судија на Уставниот суд и затоа велам дека нема законска пречка. Зошто не се внесуваат Бугарите тоа е, сепак, тема којашто треба да им се постави на нашите политичари, на политичките елити во Северна Македонија. Јас можам да зборувам како граѓанин и можам да зборувам како судија, од аспект кога дискутираме за самите закони, сè друго е тема на политичарите“ – додаде таа.

Поврзани новости