Бранителот на обвинетиот, Митко Пешов, адвокатката Павлина Зефиќ, во своите завршни зборови денеска го дискредитира претходно дадениот исказ на Александар Василевски Нинџа и праша зошто не се обвинети носителите на сребрена и бронзена команда, како и организаторите на упадот во Собранието.
Зефиќ, која го застапува поранешниот началник на специјалните сили во МВР, денеска во завршните зборови од судењето за 27 април, рече дека обвиненителството замижува пред сите факти кои одат во прилог на Пешов. Според неа нејзиниот клиент спротивно на обвинението, е единствениот кој постапувал и благодарејќи му нему, рече таа, биле спасени пратениците и новинарите.
Зефиќ ги почна завршните зборови велејќи дека обвинителството широко ги затвора очите пред вистината, цитирајќи го името на култниот филм во режија на Стенли Кјубрик. Како што рече бранителот, тогашниот министер за внатрешни работи, Агим Нухиу, ниту еднаш не издал наредба да се ангажираат специјални сили, барем не според процедурите.
-Евакуација на пратениците се случила дури откако биле испратени специјални сили по наредба на Митко Пешов. Пред 20 часот тој немал наредба да изврши мобилизација на специјалните сили. Митко Пешов не се наоѓа меѓу имињата кои тој ден имале командна одговорност. Тој е единствен кој има заслуга што пратениците и новинарите денеска се живи- рече Зефиќ.
Според неа нејасно е зошто Пешов седи на обвинителна клупа, а не одговорните во СВР Скопје, носителите на бронзена и сребрена команда, како и организаторите на упадот. Таа рече дека обвинителството ги амнестирало сребрената и бронзена команда од одговорност. Чешлајќи ги исказите на сведоците и обвинетите, таа стигна и до исказот на Нинџа, но не се задржа на него.
-Нинџа во еден момент спомна дека имало разговор меѓу Чавков и Пешов. Сметам дека судот не треба да поклони верба на ваквата одбрана. Причините се јасни. Да се брани обвинителен акт со исказ на обвинет, а при тоа сите знаеме кој е Нинџа, е смешно, несериозно и не е вредно за моја елаборација – рече адвокатката.
Поради ова судијката Добрила Кацарска, на крајот од завршните зборови рече дека адвокатката ќе била казнета за навреда да била поспора во изнесувањето на одбраната.
-Ги повикувам сите бранители, никој да не се осмели да навреди било кого во судницата. Вие можевте да бидете казнети да не зборувавте толку брзо, но не можев да ве прекинам – и рече Кацарска на Зефиќ.
Таа, пак, своите зборови ги заврши уште еднаш повторувајќи дека Пешов немал овластувања без наредба да ги мобилизира специјалните сили и дека поради тоа треба да биде ослободен од вина.
-Чувствувам горчина во овој предмет бидејќи наместо на правдата обвинителството им служи на политичките партии. Чувствувам срам како граѓанин бидејќи главните виновници за она што се случи на 27 април, не се во оваа судница. Со овој процес се коцкаме со правдата во Република Македонија и тоа со големи влогови. Судијо кај вас е фрлена коцката, на вас е да ја вратите вербата на граѓаните во правосудството – заврши Зефиќ.
На овој повик Кацарска одговори:
-А што правиме со тоа што јас не сум коцкар? Рочиштето продолжува со завршни зборови на други бранители.