Верувам дека довербата на граѓаните во Уставниот суд е зголемена, изјави на денешната завршна прес-конференција претседателката на Судот, Добрила Кацарска. Претставувајќи го работењето на Судот во текот на 2022 година, таа посочи дека годинава се одржани вкупно 42 седници и 130 решени предмети.
Одговарајќи на новинарски прашања, Кацарска рече дека смета оти во моментов нема потреба од средба со повисоки инстанци за да обезбеди мнозинство од уставни судии, и кажа дека е силен поддржувач на воведувањето на уставната жалба.
– Ние го одиме патот кон Европа долги години, еве веќе почнавме и преговори. Ќе дојде и тој ден кога ќе побараат од нас воведување на уставна тужба и како што некаде се нарекува уставна жалба. И мој предлог е да час поскоро ја воведеме уставната жалба за да не се најдеме во ситуација да бидеме критикувани и повикувани зошто тој инструмент ние го немаме. Значи, секаде во секоја можност тоа и во секоја прилика го кажувам, но треба да се има во предвид дека е потребна промена на Уставот за да може да се воведе, рече таа.