Кацарска: Уставот претрпе бројни интервенции, но неговиот текст останува правна светост

by Фокус

60 години постоење на Уставен суд е самопотврда на капацитетите на нашиот систем и доказ за истрајноста и непоколебливиот пристап во изградбата на правната држава, рече претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска, по повод 6 децении Уставен суд на РСМ.

-Согледувајќи ја уставно-правната матрица на нашата заедница низ историска призма, не може а да не се констатира дека волјата за владеењето на правото е посилна од сите системско-политички аномалии. Пред точно 60 години императивот на граѓаните на тогашната Социјалистичка Република Македонија бил не помалку различен од денешните парадигми. Да се устоличи републиката, тогаш социјалистичка.

Се понатаму интерферирало на моделирање на државните институции и стопанството. Република Северна Македонија минувајќи низ неколку уставни трансформации бележи континуиран развој и самиот факт што овој јубилеј е речиси двојно подолг од нашата самостојност како држава, упатува дека „чуварите на Уставот” низ сите премрежиња и контексти покажале детерминираност и наклон кон правните принципи и вредности – рече Кацарска.

Таа додаде дека на Уставен суд со неприкосновена важност каков што е нашиот денес, заштитен од туѓи посегања, му претходеше долг еволутивен пат во смисла на созревање на уставно-политичката архитектура.

-Овој јубилеј ни дава ретроспективна можност да потсетиме дека државно-правниот развиток на Македонија во рамки на СФР Југославија, но и по осамостојувањето на државата во 1991 година брои четири устави. Во два од нив се вградени контурите на државното уредување, со Уставот од 1946 Македонија станува Народна Република Македонија во рамки на Федеративна Народна Република Југославија, а со Уставот од 1991 се конституира како суверена и самостојна држава, Република Македонија.

Со Уставот од 1963 година за прв пат се востанови уставното судство и првата седница на Уставниот суд е одржана на 15 февруари 1964 година. Уставите отсекогаш биле замислени како рамка за управување со една земја, формирањето на уставни судови се сметаше за катализатор на општествените трансформации, засновани на идејата за контрола на политичката моќ – рече Кацарска.

Таа посочи дека до денес нашиот Устав претрпе бројни интервенции, или вкупно 36 амандмани, но неговиот текст и понатаму останува правна светост пред која сопира секоја индвидуална и колективна неправда.

-Постојат голем број важни одлуки со кои овој орган ќе ја докаже клучната улога што ја одигра во зајакнувањето на начелото на владеење на правото и во развојот на демократијата. Соочувањето со сложени и многу деликатни теми во однос на нивната содржина, и честопати од витално значење за организацијата на институционалниот и политичкиот живот во земјата е богато искуство за Судот и за сите негови судии.

Во тие случаи и одлуки, кои по својата природа варираат од испитување на прашања за уставност и законитост, прашања за судир на надлежности меѓу властите и локалната самоуправа, до прашањата за слободите и правата, е испишана историјата на самиот Уставен суд.

Децениската улога на Уставниот суд да ја отелотвори и созрее младата државност и да ги конципира идните правни, општествени и организациони столбови, денес, предничи со уште посложена функција: да го осигура местото, улогата и добробитот на секој граѓанин во правниот систем. Ако во изминатите децении тоа беа државотворни инклинации, вчера, денес и утре Уставниот суд е последниот гарант на основите човекови права – истакна таа.

Поврзани новости