Кацарска: Упатството за водење на матична евиденција е спротивно на Уставот

by Fokus

Упатството за водење на матична евиденција е спротивно на Уставот, има одредби кои го кршат Уставот, рече  претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска на брифинг со новинарите.

Таа не прецизираше кој дел од Упатството е спротивен на Уставот, и рече дека  своите аргументи ќе каже на седница на Уставниот суд кога ќе се одлучува за овој предмет.

Во врска со оформувањето на предмет по сопствена иницијатива, во кој ќе се води постапка за оценување на уставноста на упатството, Кацарска изјави дека предметот е поделен кај судија известител.

„Предметот е поделен кај судија известител и е определен советник кој ќе работи по предметот“, изјави Кацарска, со надеж дека истиот за брзо ќе биде ставен на седница.

На прашањето дали предмет на иницијативата ќе биде само подзаконскиот акт или и делот од Законот за матична евиденција, таа рече дека не знае каква одлука ќе биде донесена и нагласи дека оформен е предмет само за упатството.

Претседателката на Уставен суд  објасни дека во оваа фаза Уставниот суд не може да донесе ниту времена мерка да се запре примената на Упатството, зошто нема такви овластувања според актуелниот Деловник. Кацарска најави дека наскоро ќе се смени тој дел од Деловникот по кој судот работи веќе 30 години.

„Станува збор за револуционерен акт во кој ќе се регулира постапката, финансиите, роковите за одлучување кои сега просечно се просечно околу четири месеци. Се трудиме да бидеме поажурни“, рече Кацарска.

Таа  додаде дека можно е да се внесе и Уставна тужба, која првично ја побарале да се внесе преку уставните измени кои се во подготвка, но биле одбиени.

Поврзани новости