Претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска оствари работна средба со Н.Е. амбасадорката на Германија во земјава, Петра Дрекслер.
Како што соопштија од судот, Кацарска информирала дека во Уставниот суд значително е намален просекот на времетраење на постапките, од девет месеци, на шест месеци, а согласно последните статистички податоци, постапките во Уставниот суд се решаваат во просек за помалку од 3 месеци. Од аспект на надградба на капацитетите на Уставниот суд, истакнато е дека со сопствени финансии Судот реализирал крупни капитални инвестиции во последните две години со акцент на опремувањето на сервер салата, безбедносни врати, просторија за класифицирани информации.
Амбасадорката Дрекслер констатираше дека Германија досега дала поддршка за потребите на Уставниот суд преку германската фондација ИРЗ и најави дека и во периодот кој следува ќе останат истите заложби за заедничка соработка.
Таа ја поддржува важната улога на уставните судови за обезбедување на владеење на правото.
„Правната држава е основна тема за пристапните преговори со ЕУ. Од тие причини, работата на Уставниот суд е аспект кој се зема предвид во Извештајот за напредок на земјата од страна на Европската Комисија за Северна Македонија”,нагласи амбасадорката Дрекслер.