Кацарска сама против останатите уставни судии: Ги почитувам, ама мислам дека грешат за солидарниот данок!

by fokus

Дали државата ќе биде обврзана да ги врати 50 милиони евра кои во 2023 година ги собра од фирмите преку солидарниот данок?

Оваа важно прашање за државната каса ќе се најде пред Уставниот суд на почетокот на февруари, а во меѓувреме се чека мислењето од Владата и од парламентот за ова законско решение, кое беше за еднократна цел и не е веќе во сила.

Во ноември минатата година од судот, на брифинг со новинарите, соопштија дека во игра се неколку опции.

Едната е да се укине, што би знаечло во иднина да не може да се примени ниту донесе идентичен закон.

Втората опција е да се поништи и во овој случај државата ќе треба да ги враќа парите од овој данок. Оваа опција засега ја поддржуваат мнозинството уставни судии.

Третата е да се запре постапката, а оваа варијанта сама против сите ја поддржува поранешната претседателка на Уставниот суд, Добрила Кацарска, која се спротивстави на мнозинството судии и својот став го образложи детално во издвоено мислење.

Таа има многу правни аргументи, а тргнува од оној дека законот имал еднократна намена, завршила неговата примена и веќе не постои во правниот поредок.

-Причината за моето гласање против поведување постапка за оценување на уставноста е дека овој закон е исцрпен во својата примена, за што впрочем постои пракса на овој суд во огромен број предмети, која во овој случај не беше испочитувана, го почнува своето излагање судијката Кацарска.

Таа, вели дека било потребно и останатите нејзини колеги да обрзаложат зошто, за разлика од неа, сметаат дека овој закон е сè уште во примена и не постојат процесни пречки за одлучување по иницијативите.

-Ова не го посочувам само затоа што тоа беа мои аргументи во расправата и во ова издвоено мислење. Тоа е поради очигледниот факт, дека овој закон не предвидува на пример, плаќање солидарен данок и во 2024 година, кога се одлучува за уставноста на истиот.
Ова е повеќе од причина за сомнеж и требаше да се адресира прашањето во самото образложение и да се даде одговор зошто мнозинството смета дека Законот е во примена, вели уставната судијка.

Таа поентира дека законот е исцрпен во примената, па затоа и не може да се оценува неговата уставност.

-Ако се има предвид дека предвидениот данок е јавна давачка која се плаќа само еднаш во 2023 година и дека е приход на Буџетот на Република Северна Македонија за истата година, што неспорно произлегува од тоа дека средствата прибрани по овој основ ќе се користат согласно законот за извршување на републичкиот буџет за таа година, при што обврската за негово пријавување завршува на 25 септември 2023 година, јасно е дека Законот е исцрпен во примената, вели Кацарска.

Таа додава дека ги почитува своите колеги, но смета дека во овој случај грешат.

-Морам да посочам на погрешниот пристап кој го имаше мнозинството при оценувањето на уставноста. Апстрактната контрола на уставноста, односно уставноста и законитоста се врши преку оцена на норми, а не од гледна точка на тоа што доносителот на актот, во случајот Собранието, пропуштило да стори, децидна е Кацарска.

Судијката прави осврт за наводната ретроактивност на Законот за данок за солидарност, на која се повикуваат нејзините колеги.

-Ретроактивност на законот значи негово дејство на правни односи кои биле окончани пред неговото влегување во сила. Анализата на одредбите на овој закон, укажува на тоа дека со него се предвидува плаќање посебен вид данок и тоа во 2023 година за истата таа година, која патем сè уште не била измината во времето на донесување на Законот. Ако се има предвид ова, се поставува прашањето на кои правни односи кои се окончале пред влегувањето во сила на овој закон, истиот има правно дејство?Мојот одговор е на ниту еден, децидна е судијката.

На крајот од своето исцрпно мислење, Кацарска истакнува и дека не се согласува со аргументот на своите колеги дека данокот не бил пропорционален. Појаснува дека се работи за еднократна даночна давачка во услови кога одредени субјекти остваруваат огромни приходи токму поради условите кои Републиката ги воспоставила за да стопанисуваат, а од друга страна, собраните средства се наменети за општествена цел за доброто на сите – санирање на последиците од Covid – 19 кризата и за други антикризни мерки.

-Патем, ако веќе се оценува дали данокот е пропорционален, дали тоа значи дека мнозинството сепак се согласува со потребата за воведување ваков данок, но според непознати мерила, смета дека е превисок?, прашува уставната судијка Кацарска.

Законот за солидарен данок се донесе во септември 2023 година. Се оданочија над 150 фирми кои платија дополнителен данок на државата од речиси 50 милиони евра.

Кога се кроеше ова законско решение тогашната влада соопшти дека станува збор за еднократно решение во вонредни услови, а парите кои ќе се соберат ќе се потрошат за антикризни мерки и за најранливите категории во земјава. Премиерот Христијан Мицкоски, како тогашен опозиционер, ги поддржуваше стопанствениците во нивното барање да им се вратат парите, но сега треба да се види дали можеби го променил ставот откако е на чело на Владата.

Валентина Вурмо

Поврзани новости