Кацарска најави можност за снимање на седниците на Уставниот суд

by fokus

Уставниот суд ќе ја разгледа можноста за снимање на своите редовни седници во целост, преку земање предвид на различни споредбени искуства на уставните судови, најави денеска претседателката на овој суд Добрила Кацарска, на завршната конференција организирана од Институтот за човекови права (ИЧП), на тема „Уставниот суд – заштитник на владеењето на правото”.

Ставот кој ќе се заземе по однос на ова прашање ќе биде комбинација од потребата од отвореност на судот, но и понудените споредбени решенија на другите уставни судови.

– Кога се зборува за вистинска реформа на работата на Судот тоа не може да се случи без да се интервенира во Деловникот, кој е уставно предвиден акт што уредува прашања што се најзначајни за неговото функционирање, начинот на работа и постапката. Овој акт е донесен во 1992 година и е во сила и денес. Освен одредени измени и дополнувања во најголемиот дел од истиот текст кој се применува речиси 30 години што е еден подолг период во кој секако се воочени одредени проблеми по примената недоречености, но и недостатоци на она што секој пропис треба да го има да биде во чекор со времето, изјави Кацарска.

Зборувајќи за постапките што се водат пред Уставниот суд, Кацарска рече дека треба да се размисли за можноста подносителите на барања за слобода и права да може да бидат и правни лица што е во согласност со Европската конвенција, а од друга страна правните лица, како на пример здруженија на граѓани се резултат на здружување на повеќе физички лица преку кои може да се остваруваат некои од правата од член 110 алинеја 3 од Уставот.

– Сегашното решение каде за повреда на слободите и правата по основ на дејствие може да се бара заштита директно од Уставниот суд, значи можност паралелно да се водат постапки за ваква повреда кај други органи. На пример, да биде поднесена тужба за дискриминација пред редовните судови и да се случи да постојат две спротивни одлуки, во една да се констатира повреда, а во друга тоа да не е случај, кажа Кацарска.

Во наредниот период како што наведе Кацарска, Уставниот судот треба да посвети поголемо внимание на постапувањето по предметите во кои се бара заштита на слободите и правата.

Тоа,според Кацарска, не треба да биде само на судиско ниво, туку и на ниво на службата во делот на стручната обработка на предметите.

Поврзани новости