Кацарска контра Џолев: Не одбивам работа, туку Кривичниот совет е надлежен да одлучува за амнестијата!

by fokus

Досега сум се докажала со својата работа, 32 години сум судија и никогаш не сум одбила работа. Јас ги почитувам законите, а Законот за амнестија е јасен. Секогаш за амнестијата одлучува Кривичен совет, надвор од главна расправа.

Ова е коментарот на судијката Добрила Кацарска, за која денеска претседателот на судот Иван Џолев истакна дека давала отпор, односно не сакала да одлучува по поднесените барања за амнестија на обвинетите за „27 април“.

-Во Законот за амнестија јасно пишува дека се носи одлука по претходно прибавено мислење од јавниот обвинител, што е со цел Кривичниот совет да се запознае со предметот, и тоа од обвинителот кој најдобро го знае, изјави судијката Кацарска за „Фокус“.

Таа појаснува дека доколку таа одлучува по решенијата ќе излезе дека носи пресуда пред пресуда, што пак значи дека прејудицира вина за дел од обвинетите, и тоа пред завршување на доказната постапка.

-Што ако јас донесам одлука за амнестија, а повисокиот суд ми ја поништи, тогаш јас веќе сум ја прејудуцирала пресудата која подоцна ќе треба да ја донесам, децидна е Кацарска.

На денешниот брифинг претседателот Џолев пак како пример го посочи случајот со амнестијата на Хашките случаи, но судијката Кацарска го поправа дека таму судечкиот судија само констатирал повлекување на обвинение.

-Тогаш Кривичниот совет одби да постапи по Законот за амнестија, по што се изврши негово автентично толкување. По ова, обвинителството го повлече обвинението, а судечкиот судија само го констатирал истото, децидна е Кацарска.

Претседателот Џолев до крајот на денот треба да пресече кој ќе одлучува по поднесените барања за амнестија, дали Кривичниот совет или Судечкиот совет, на чело со судијката Кацарска.

Валентина Вурмо

Поврзани новости