Кацарска: Ќе образложиме зошто не го укинавме законот за автопатите

Антикорупциската комисија оцени дека со овој закон се ограничува конкуренцијата и можноста од фер натпревар за тоа кој да ги гради автопатските делници.

by fokus

Во изготвената одлука ќе бидат наведени причините за тоа зошто Уставниот суд не поведе постапка за оценување на уставноста на специјалниот Закон за изградба без тендер на автопатите од Коридорите 8 и 10, изјави за „Фокус“ претседателката на Уставен суд, Добрила Кацарска.

Уставниот суд вчера донесе одлука во корист на американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ и не поведе постапка за оценување на уставноста на специјалниот Закон за изградба без тендер на автопатите од Коридорите 8 и 10.

Инаку, Собранието по скратена постапка донесе закон, со кој е утврдено конзорциумот „Бехтел-Енка“ да ја изгради делницата Тетово – Гостивар – Букојчани, проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан и делница на автопатот Прилеп – Битола.

Но, Државната антикорупциска комисија оцени дека со овој закон се ограничува конкуренцијата и можноста од фер натпревар за тоа кој да ги гради автопатските делници, бидејќи не се предвидува тендерска постапка.

Затоа, антикорупционерите побараа да се поништи и стопира неговата примена, бидејќи, според нив, постои висок ризик на корупција, меѓутоа Уставниот суд ја отфрли нивната иницијатива.

Одлуката на Уставен ја искоментира лидерот на Левица, Димитар Апасиев.

На меѓународниот ден за борба против КОРУПЦИЈАТА, Кацарска и нејзината „разбојничка дружина“ од Уставниот суд, одбија да го укинат еден од најкоруптивните закони донесен во историјата на Македонија (за фаворизирано градење на коридорите 8 и 10).

Спас од овие некадарници, кои се срам за правната теорија, е да донесеме специјален Закон за уставни судии кој, во преодните и завршни одредби, ќе им го прекине мандатот на овие гревчиња преправени во тоги, кои сакаат да се претставуваат како „истакнати правници, напиша Апасиев.

Ф.Ф.С.

 

 

Поврзани новости