Судијката Добрила Кацарска бара од Судскиот совет да ја утврди фактичката состојба и да ги испита тврдењата на обвинителката Лиле Стефанова која во сведочењето за случајот „Рекет“, рече дека токму Кацарска преку колега обвинител и вршела притисок за притворот на бизнисменот Орце Камчев кој е осомничен во случајот „Империја“.
Барањето кое го испрати Кацарска до Судски совет го пренесуваме во целост:
Во месец јануари 2018-та година бев распоредена во Одделението за организиран криминал и корупција при Основниот кривичен суд Скопје каде што се уште ја обавувам судиската функција. Со започнувањето на судењата по добиените предмети, а пред се откако започнав да ги судам предметите доставени од Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите, секојдневно трпам вербални напади од обвинети, нивните бранители како и од некои политичари, дури се оди и дотаму да судството се нарекува според моето презиме „Кацарска судство“. Посебно овие напади зачестија откако беа донесени пресуди за неколку актуелни предмети. Сиот овој изминат период стоечки, достоинствено ги трпев сите тие критики, напади, но кулминација на се, е она што се случи на ден 27.01.2020 година во судница 1 во Основниот кривичен суд Скопје. Имено Јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство Радовиш, Лиле Стефанова во својство на сведок во предметот со кодно име „Рекет“ во својот исказ меѓу останатото навела дека и се вршеле притисоци преку разни емисари, односно обвинители, судии, бизнисмени и политичари, а притоа го споменала моето име, наводно јас сум и вршела притисок но не лично нејзе, туку наводно сум и пуштила некој колега обвинител, како што известија и сите присутни медиуми. Бев згрозена од ваквата изјава, односно од нејзиното сведочење со оглед да се работи за целосна невистина бидејќи во ниту еден момент не само што нејзе не сум и се јавила, а најмалку пак сум и вршела притисок, туку апсолутно неточно е дека сум и пуштила некој нејзин колега обвинител. Која е причината за нејзиното вакво сведочење кое што е недолично за еден Јавен обвинител, тоа не би можела јас да го знам. Во делот на нејзините наводи дека јас сум „окапала“ во судот денот кога се одлучуваше за притворот на Јордан Камчев, истакнувам дека тоа беше работен ден, а јас секој работен ден од 08:00 часот сум на работа, а од месец јануари 2018-та година до месец јули 2019 – та година бев секој ден на работа од раните утрински часови па до доцна во ноќта, без оглед дали се работело за работни денови, празник или викенд, со оглед да и јавноста знае на кои предмети во тој период работев и кои пресуди се донесоа и во законски рок пресудите беа изготвени. За ова може да посведочат вработените во судот, судската полиција и моите колеги судии, како и факт кој може да се утврди од безбедносните камери во судот.
Со оглед да секогаш ја зборувам вистината и ништо не кријам, јас јавно пред целата македонска јавност кажав дека фамилијата Камчеви се наши фамилијарни пријатели, но таа моја искреност не смее да се злоупотребува од било кого, а посебно не од Јавен обвинител бидејќи штетните последици од изнесување на невистини доведуваат до нарушување на угледот на оној на кого се однесуваат, а имајќи во предвид дека ја извршувам функцијата судија, се нарушува и угледот на судиската функција воопшто, кое нешто во никој случај не сакам и не смеам да го дозволам.
Имајќи во предвид дека на ваков начин се нарушува мојот углед и достоинство, а воедно се нанесува и штета на функцијата судија, барам од вас како надлежен орган да ги утврдите сите факти и да ги прибавите сите докази за утврдување на фактичката состојба со цел јавноста да ја дознае правата вистина