Ќе се залагам да се носат издржани одлуки согласно Уставот на Република Северна Македонија, Судот да се отвори уште повеќе за јавноста и да се завршуваат што повеќе предмети, вели за Фокус, новоизбраната претседателка на Уставниот суд, Добрила Кацарска.
Ова е нејзината првична мисија пред почетокот на мандатот на 2 јуни, чија успешност ќе се мери по три години. Кацарска утрово на работен состанок затворен за јавноста беше избрана за претседател со гласовите на шестмина колеги, односно со двотретинско мнозинство. Кандидат за претседател бил и уставниот судија Дарко Костадиновски кој од 2001 до 2018 година, пред да биде избран за судија во Уставниот суд работеше во Кабинетот на претседателот. Според информации на Фокус од Уставниот суд, во првиот круг од гласањето мнозинство гласови не добила ниту Кацарска, ниту Костадиновски. Потоа имало уште еден круг на гласање, по што Кацарска добила шест гласови од колегите, а Костадиновски добил четири гласа.
Кацарска беше избрана за уставен судија во ноември 2020 година во Собрание, на предлог на Судскиот совет. На седницата на која се гласаше за нејзиниот избор, опозицијата излегуваше со транспарентни и обвинувања за нејзина поврзаност со власта.
Кацарска како судија во Кривичниот суд го судеше најобемниот предмет за настаните од 27 април каде беа изречени пресуди и до 18 години затвор за упадот во Собрание што се случи во 2017 година. Таа ја досуди и првата пресуда за поранешниот премиер, Никола Груевски за случајот „Тенк“ и го осуди на две години затвор, но ја изрече и шестгодишната затворска казна за поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, која потоа Апелација ја намали на четири години.
Највисока затворска казна за „Тенк“, над шест години затвор доби поранешниот помошник министер во МВР, Ѓоко Поповски кој има и уште една деветгодишна затворска казна. Јанкулоска и Поповски се во затвор, а Груевски избега во Будимпешта и доби азил.
Кацарска е родена во 1957 година во Ресен. Дипломирала на Правниот факултет при Универзитетот „Св Кирил и Методиј“ Скопје во 1982 година, а правосудниот испит го положила во февруари 1984 година.
Од 1982 до 1984 година работела како приправник во Општински суд Скопје 1 Скопје, од 1984 до 1986 година како стручен соработник во Основен суд Скопје 1 Скопје, а од 1986 до 2005 година била судија во Основен суд Скопје 1 Скопје во Граѓански оддел-Парница.
Од 2005 до 2009 година била Претседател на Основен суд Скопје 1 Скопје, а од 15.02.2009 година до 13.07.2009 година ВД Претседател на Основен суд Скопје 1 Скопје. Од 13.07.2009 година била распоредена во Кривичен Оддел – кривично полнолетни до 09.01.2018 година кога била распоредена во Одделението надлежно за судење на дела од областа на организираниот криминал и корупција, од каде замина во Уставниот суд.
По нејзиниот избор опозицијата веднаш излезе со реакција и обвини дека Кацарска е наградена поради двестегодишната затворска казна за обвинетите за 27 април и ја нарече „Егзекуторот на Заев во судството“.
-Кацарска е најверниот извршител на Заев. Политичкиот наратив на СДСМ се преслика во нејзините пресуди. Од збор во збор Кацарска ги преточи тезите на Заев за политички прогон врз неистомисленици. Кацарска водеше маратонски рочишта и од 15 часа само за да ги затвори уставобранителите по брза постапка. Кацарска немо гледаше кршење и на човековите права на притворените и дозволи тешки повреди кршејќи го Уставот. Кацарска го кршеше Уставот, таа не може да биде претседател на Уставен суд, се вели во реакцијата на опозицијата.
Кацарска доаѓа на местото на досегашниот претседател Сали Мурати чиј мандат како уставен судија истекува на 1 јуни. Мандатот им истекува и на Елена Гошева и Никола Ивановски, што значи дека Кацарска ќе добие тројца нови колеги на почетокот на претседателскиот мандат.
Фросина Факова-Серафиновиќ