Кац: Нуклеарните капацитети на Иран се поранливи од кога било по израелските напади

by Fokus

Израелскиот министер за одбрана Израел Кац изјави дека Израел, кој продолжува со нападите во Либан, нема да склучи примирје со Хезболах „додека не ги постигне своите цели“, пренесува Anadolu.

За време на средбата со претставници на израелската армија, Кац ги коментираше конфликтите со Хезболах, нападите во Газа и зголемувањето на тензиите со Иран.

Тој истакна дека „нуклеарните капацитети на Иран се поранливи од кога било по израелските напади врз нивните објекти за противвоздушна одбрана“, навестувајќи ја можноста за воен напад врз иранските нуклеарни постројки.

Кац рече дека главната цел на нападот, кој предизвика големи разурнувања во Газа, е враќањето на израелските заложници.

За нападот во Либан, тој рече дека „нема да има примирје со Хезболах додека не се постигнат целите на војната“.

Израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Сар претходно изјави дека е постигнат „извесен напредок“ во постигнувањето на прекин на огнот со Хезболах во Либан.

Како што објавија израелските медиуми, израелскиот министер за стратешки прашања Рон Дермер, кој е многу близок со премиерот Бенјамин Нетанјаху, отпатува во Соединетите Американски Држави за да разговара за прекин на огнот со Хезболах во Либан.

Весникот Једиот Ахронот, повикувајќи се на неименувани американски претставници, наведува дека новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп испратил порака до сегашната администрација на Џо Бајден во врска со прекинот на огнот меѓу Израел и Хезболах.

Израел започна голема воздушна кампања во Либан против, како што вели, цели на Хезболах по едногодишниот прекуграничен конфликт меѓу Израел и либанската група Хезболах што избувна по бруталната израелска офанзива на Појасот Газа.

Поврзани новости