Очекував еден подоследен и повеликодушен став на Европа кон Северна Македонија, вели министерот за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос, во интервјуто за грчкиот весник „Ефимерида тон синдактон“, коментирајќи ги одлуките на Советот на министри на ЕУ за земјава.
-Постои општа опасност за кредибилитетот на ЕУ ако остави впечаток дека не ги исполнува нејзините обврски кон земји како што е Северна Македонија. Од овие причини, очекував еден подоследен и повеликодушен став на Европа кон оваа земја. Но, и вака, отворен е патот за отпочнување преговори од октомври – вели Катругалос.
Во однос на ставовите на опозициите во двете земји, шефот на грчката дипломатија вели дека е позитивно тоа што Нова демократија го прифаќа Договорот од Преспа и додава дека е важно тоа што во заклучоците на Советот за општи работи вклучено е и спроведувањето на Договорот.
-Неодамнешната одлука на Советот за општи работи, надлежното тело на ЕУ за проширувањето, јасно и по прв пат го поврзува лојалното спроведување на Договорот од Преспа со интегративната перспектива на соседната земја. Ова е основна гаранција, Северна Македонија никогаш повеќе да не се врати на националистичките политики од минатото – вели тој.