Информатичарите од Окружниот суд во Келн во петокот активирале дополнителни датуми и рокови за напуштање на Католичката црква, по што серверот веднаш „паднал“, пренесува „Дојче веле“ и посочува дека сите дополнителни рокови веднаш биле „заграбани“.
Судот во моментов обезбедува 1.000 термини месечно за напуштање на црквата, иако побарувачката за термини на епархиско ниво е многу поголема. Од март минатата година Окружниот суд во Келн сака секој месец да понуди дополнителни 500 термини. Кога се закажува состанок апликантите не треба да наведуваат која црква сакаат да ја напуштат или причините за тоа.
Се претпоставува дека ненадејното регионално зголемување на бројот на лица кои ја напуштаат црквата во Келн е поврзано со скандалот околу кардиналите.
На поглаварот на епископијата во Келн му се забележува за обидот да се прикријат инцидентите на сексуално злоставување во Католичката црква, а конкретната причина е експертизата што кардиналот не сака да ја објави.
Колку и да е забележливо зголемувањето на бројот на луѓе што ја напуштаат Црквата во Келн, овој тренд е присутен и во претходните години низ цела Германија и ги зафаќа и големите христијански цркви: католичката и евангелската.
Во 2019 година повеќе од 250.000 христијани ја напуштија католичката или протестантската црква. Тоа досега беше рекордна година.
Околу половина од луѓето што живеат во Германија се уште се членови на една од овие две цркви.