Католичките и протестантските верници и дел од православните христијани, кои се водат според Грегоријанскиот календар, денеска го одбележуваат Раѓањето Христово – Божик. Традиционално, во државава централната прослава по повод празникот се одржа во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, каде синоќа имаше божиќна света литургија.
На литургијата присуствуваа определен број свештени лица и верници согласно протоколите за заштита од Ковид-19, како и директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски.
Бискупот скопски и струмичко-скопски епарх Киро Стојанов, честитајќи им го празникот Божик на католичките верници на литургијата ја прочита божикната проповед.
– Божјата љубов кон Земјата е најдлабоката христијанска вистина. Затоа што и другите религии знаат дека Бог е богат на небото. Но дека самиот Бог сакал да се осиромаши со своето создание, дека страдал од небото за својот свет, дека со своето воплотување, страдање и смрт на крстот претрпел страдања и ја покажал својата љубов кон своето создание, е нешто нечуено.
Бог богато нѐ обдарил во својот Син со својата целосна љубов. Бог сериозно размислува со нас, сака да нè откупи и спаси. Наше е дали ќе ја прифатиме неговата подадена рака, или ќе ја одбиеме! На сите ви посакувам среќен Божик! Амин!, истакна бискупот скопски и струмичко-скопски епарх Киро Стојанов.
Божик денеска го слават и Грчката, Бугарската, Романската, Украинската и Грузиската православна црква, кои го прифатија Грегоријанскиот календар.
Преостанатиот православен свет, кој се води според Јулијанскиот календар, меѓу кои и Македонската, Руската и Српската Православна Црква, Ерусалимската патријаршија, како и дел од монасите на Света Гора, Божик ќе го одбележат на 7 јануари.