Поради приватни обврски на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, Извештајот на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) ќе продолжи да биде главна тема на собраниската комисија во понеделник. Пратенците од власта и опозицијата и доцна попладнето продолжија 18 часот продолжија со меѓусебна расправа за ситуацијата во која последниве три дена е доведена Катица Јанева. Нова тв пренесува делови од дебатата после која седницата на комисијата заврши и беше закажана за во понеделник.
Според координаторот на пратеничката група на СДСМ Горан Сугарески, одолговлекувањето на расправата за Извештајот на Јанева е со цел никогаш да не стигне на дневен ред извештајот на државниот обвинител Марко Зврлевски кој исто така е на дневен ред на собраниската комисија.
-Кој е вашиот план за работа? До кога ние би работеле? Јас воопшто не се плашам од работа, но гледам дека намерата е Извештајот на Марко Зврлевски воопшто, никогаш да не дојде на дневен ред, праша Сугарески.
И пратеничката Рената Дескоска од СДСМ им порача на колегите од власта дека ако толку се заинтересирани за Извештајот на СЈО, да продолжат со дебата и за време на викендот без разлика на тоа што Јанева нема да биде во можност да присуствува.
Ова за владејачките пратеници беше неприфатливо, бидејќи како што тие тврдеа, Извештај не може да се разгледува без присуство на раководното лице, односно подносителот.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски обвини дека опозицијата влегува во операција „бегство“ со цел да се обиде да ја спаси Јанева од отчетност.
И независната пратеничка Роза Топузовска смета дека Јанева мора да биде на располагање на Собранеито и потсети дека пратениците досега во повеќе наврати работеле до доцните вечерни часови кога требало да се гласа некој закон. На опозицијата и Јанева им порача дека доколку треба, тие мора да бидат достапни 24/7, како што се вели во еден од партиските слогани на власта.
Инаку маратонската расправа по Извештајот на Јанева и денеска се одвиваше со бурни реакции. Власта бараше Јанева да го образложи и финансискиот Извештај по ставки, бидејќи според нив постои сомнеж за околу милион ипол евра искористени пари од СЈО во нејасни цели.
Според пратеникот од ДПМНЕ Крсто Муковски, Јанева шест страници од извештајот потрошила само за да се жали за условите за работа и рече дека ваквото тврдење на Јанева се темели само за нејзината целосна неспособност. Според него, Јанева тера мајтап со сите кои и дале доверба и ја праша како е можно да преслушала само 12 посто од материјалот кога Заев можел за многу побрзо да ги преслуша сите материјали.
Мукоски и рече на Јанева дека поддршката кон неа од граѓаните ќе се сведе на „процент на статистичка грешка“. Ја обвини дека е „класична алатка за СДСМ да дојде на власт“ , како и тоа дека ја девалвира целата држава и самата себе.