Катица Јанева, пред две години во друштво на највлијателните жени, денес во друштво на осомничени за криминал

by fokus

Советот на јавни обвинители почнува постапка за разрешување на Катица Јанева од функцијата шефица на Специјалното јавно обвинителство. Таа е во 30-дневен притвор, како една од тројцата осомничени во случајот Рекет, заедно со Бојан Јовановски и Зоран Милески.

Не така одамна, пред околу две години, Јанева која денес е во центарот на скандалот на аферата Рекет, и се наоѓа во притвор, во друштво на лица обвинети за разни криминални дела, се најде во друштвото на највлијателните жени кои ја менуваат Источна Европа. ,,Фокус” тогаш пишуваше за настанот, кога Јанева беше вброена во листата од 21 највлијателна жена од страна на германскиот медиум ,,Остпол”.

Листата со имињата и податоците на жените, од повеќе европски земји беше објавена во германскот медиум по повод празникот Осми Март, а покрај Јанева, како највлијателни жени беа прогласени и новинарки, активистки и жени борци за човекови права од Босна и Херцеговина, Хрватска, Бугарија, Грција, Косово, Полска, Русија, Србија и други.

„Катица Јанева беше обвинител во мал град во Јужна Македонија, а сега е најпопуларната жена во Македонија. Како шеф на СЈО, таа се соочува со предизвикот да гони високи официјални лица, вклучувајќи го и поранешниот премиер Никола Груевски. Таа ја прифати работата, кога малкумина беа спремни да го преземат нејзиниот ризик. Нејзина задача е да донесе правда за македонските граѓани, кои што беа жртви со децении на клептократски лидери и нивните арамски банди кои беа функционери и директори на компании. Оваа работа да ја работи жена, во земја која што сеуште се бори со силни стереотипи за жените, е значаен знак’’ – пишуваше во текстот посветен на Јанева во „Остпол“.

Денес претседателот на Советот на јавни обвинители Коле Штериев изјави дека едногласно е одлучено оти се исполнети сите услови за започнување на постапка за разрешување на Специјалната обвинителка Јанева.

Вики Клинчарова

Поврзани новости