Катица Јанева попладнево е вратена во „Идризово“ откако новиот директор Пандов ја „фати“ дека не одела на работа

by Fokus

Поранешната специјална јавна обвинителка, Катица Јанева попладнево околу 17 часот се вратила во затворот „Идризово“, потврдија за „Фокус“ од затворот. Враќањето во затворот следуваше откако новиот директор на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов констатирал неправилности во отпустот кој на Јанева и овозможуваше делумна слобода, односно да работи во канцеларија на приватна компанија во сопственост на нејзиниот син адвокат Лазар Јанев.

Пандов добил анонимна пријава и испратил две службенички кои констатирале дека Јанева не е во канцеларијата на син и.
Нејзиниот син пак изјави дека целта на Управата била сосема друга, а не да воочи неправилности и вели дека Јанева била да си купи за јадење.

-Ги отфрлам во целост наводите, до моментот на давање на изјавата немам добиено никаков одговор од Установата или сум бил побаран од неа, за било каква работа поврзана со работниот ангажман на Катица Јанева.. Во целост си отфрлам како неточни изјавите на директорот на УПС, од причина што Катица Јанева го почитува работното време и работниот договор кој го имаме склучено со КПУ Идризово. А воедно, истата не прима храна ниту било какви други поволности од затворот Идризово, па нормално е, во текот на работниот ден да купи јадење или да се нахрани како секој нормален човек, рече Јанев.

Јанева на крајот на јануари годинава по отслужени 5 од седумте години затвор наутро одела на работа, а во затворот се враќала за спиење.

Таа доби 7 години затвор за злоупотреба на службената положба во случајот „Рекет“ во кој беше обвинета заедно со Бојан Јовановски, познат како Боки 13

Поврзани новости