Ако објавувањето на мудри мисли, на цитати со инспиративна, саркастична или пак едукативна содржина, на социјалните профили доста раскажува за оној кој ги објавува доколку се анализираат, за Катица Јанева (54) може многу да се научи од нејзините објави.
Обвинителката која мистериозно ,,изчезна” од јавноста и веќе една недела успешно се крие, додека јавноста со право ги чека нејзините одговори во врска со случајот ,,Рекет,,, се приклучила кон социјалната мрежа Фејсбук во септември 2014 година.
Нејзиниот профил, каде е потпишана како Кејти Јан изобилува со фотографии и текстови поврзани со рекреативното возење на велоспиед, за кое и самата пред камери изјавуваше дека и е пасија. Семејни фотографии од патувања со сега веќе починатиот сопруг и со ќерката и синот, но и многу мудри цитати.
Цитатите за подигање на самодовербата се доста застапени помеѓу нејзините објави, уште во времето пред да биде избрана за специјален обвинител.
-Никој не може да ги осудува моите избори, ниту моето мислење, бидејќи никој не ги пробал моите чувства и моите болки .
-Ти не си изгубена. Само така се чувствуваш понекогаш. Ти се движиш низ промените, имај храброст и знај дека твојата душа те води по патот.
-Подобро помеѓу празни ѕидови, отколку помеѓу празни луѓе.
-Ако ја бараш личноста која ќе ти го промени животот, погледни во огледалото – се само дел од мудростите кои гевгеличанката ги објавувала во времето додека се уште работеше како обвинител во ОЈО Гевгелија.
Од 15-ти септември 2015 година, кога беше избрана за специјален јавен обвинител, Јанева неколку месеци паузирала од објави на својот профил, за да на почетокот на 2016 година повторно и се врати на својата пасија со мудроста – Не оди на прсти, низ животот се гази!
Објавата на цитатот –Вистина, таблета која сите ја сакаат, ама не може секој да ја голтне – и донесе стотици допаѓања, но и пораки од типот – Да си жива и здрава обвинителке, ти и твојот тим што ќе ја донесе вистината во Македонија!
Последната објава, која стои над профилната фотографија на Јанева е – Кога се плашиш да играш на терен, обично свириш од трибините, а во изминативе неколку месеци таа паузирала од нови објави.
Во минатото често споделувала цитати од Оскар Вајлд, но и од Маја Анџелоу, која важеше за голем борец за еднаквоста и човековите права.
-Мудрата жена посакува никому да не биде непријател, но одбива некому да биде жртва – е само една од мудрите мисли од Анџелоу која и се допаднала на Јанева.
Според психолозите кои се занимаваат со истражување на социјалните мрежи, тие се почесто се користат како еден вид на дневник, каде луѓето си прават лична промоција и од каде може многу да се дознае за корисникот. Најчесто, цитатите кои се објавуваат се поврзани со одредени случувања или емоции низ кои во тој период минува корисникот, базирани врз неговиот начин на размислување во животот. Исто така, според психолозите, објавите на цитати во многу случаеви ја отсликуваат внатрешната состојба на корисникот, неговиот темперамент, но често се користат и за себеинспирирање и како начин од кој се црпи сила во тешките периоди.
Гевгеличанката, чиј татко своевремено бил претседател на Основниот суд во Гевгелија, минатата недела на 15-ти јули поднесе оставка на функцијата специјален јавен обвинител. Оставката ја поднесе само неколку часа пред започнување на прес конференцијата од страна на Основно јавно обвинителство во која двајца се осомничени за изнудување на големи суми на пари за влијание врз некој јавен обвинител, и веќе цела недела е во центарот на вниманието на јавноста.
И додека Јанева ,,мудро” молчи по повод случувањата и очигледно не планира наскоро да излезе со свој став во јавноста, на нејзините следбеници на социјалните мрежи им преостанува само да ја чекаат објавата на нејзиниот следен цитат на мудроста, во кој помеѓу редови можеби ќе ги даде потребните одговори.
Вики Клинчарова