Следната година може да биде клучна за решавање на долгогодишниот спор меѓу Атина и Скопје за официјалното име на Македонија, пишува грчкиот весник „Катимерини“.
Весникот, повикувајќи се на дипломатски извори, наведува дека официјални претставници во Европа и во САД сметаат дека може да се отвори можност за решавање на спорот за името во периодот меѓу локалните избори во октомври годинава и претседателските избори во Македонија во 2019 година.
Надежите за решавање на проблемот се појавија откако социјалдемократот Зоран Заев состави влада во јуни по повеќемесечениот политички хаос. По формирањето на новата владејачка коалиција, македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров минатиот месец ја посети Атина за да се сретне со грчкиот колега Никос Коѕиас, кој, пак, треба да го посети Скопје кон крајот на август.