Амандманите на македонскиот устав, кои треба да бидат ратификувани наскоро во парламентот, се во согласност со Преспанскиот договор меѓу Скопје и Атина, соопшти неименуван извор од грчката влада за државната агенција АНА-МПА, доцна во средата, пишува електронското издание на весникот „Катимерини“.
Како што пишува „Катимерини“ најспорен дел бил став 3 од член 49, во кој се зборува за “македонски народ кој живее во соседните земји”. Со измените на нацрт текстот за уставните амандмани оваа формулација е променета со зборот “дијаспора”, по примерот на член 108 од грчкиот Устав.
„Катимерини“ пишува дека ова одговара на духот на Преспанскиот договор. Истиот извор изјавил за грчкиот весник дека ретките “несреќни коментари” на македонскиот премиер Зоран Заев се направени од него, за да им се допадне на домашната публика и да добие поддршка за договорот. Но дека неговата поддршка за Преспанскиот договор е сеуште иста.
Конечниот текст на четирите уставни амандмани беше поднесен за ратификација во македонскиот парламент во средата, а гласањето се очекува во средината на јануари.