Две сценарија се во игра по исходот од претстојниот референдум на 30 септември – анализира грчкиот весник „Катимерини“. Според весникот, доколку граѓаните го отфрлат Договорот од Преспа, премиерот Зоран Заев не би можел да направи чекор напред. Доколку исходот од референдумот биде позитивен, пак, анализира весникот, би следел процес на уставна ревизија, која може да трае и до 3 месеци.
„Врз основа на досегашната негативна позиција на националистичката опозиција ВМРО-ДПМНЕ, не е веројатно дека успехот на референдумот ќе ги премисли пратениците од партијата за да одобрат промена на Уставот. Во овој случај, господинот Заев ќе ја одведе ПЈРМ на предвремени избори со цел да го зголеми парламентарното мнозинство и да го потисне ВМРО“, пишува Катимерини.
Весникот пишува дека дури и следната влада на Грција би можела да се соочи со лошата реалност ако договорот со “Северна Македонија“ не биде ратификуван, бидејќи земјата сега има официјална покана, па притисокот за влез во НАТО ќе расте, па дури и со привремената референца БЈРМ.